Гевгелискиот совет: Да се поништи дозволата за складирање и третман на отпад на фирмата „GO Waste Solution”

„GO Waste Solution"

 Согласно планот и Законот за управување со отпад на вчерашната седница на која он лајн учествуваше и директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ана Петровска, гевгелискиот Совет даде негативно мислење за потребата од издавање потврда на компанијата „GO Waste Solution” од Скопје за складирање и третман на отпад во комплексот на поранешна „Керамика” во Гевгелија.

Покрај ова беше побарано од Министерството за животна средина и просторно планирање да ја повлече и поништи дозволата на инвеститорот од Скопје пред се поради определбите и ориентираноста на општина Гевгелија кон еколошко земјоделско производство и туризам, како и поради гневот на граѓаните и невладините здруженија за заштита на животната средина.

На ваквата одлука веднаш со соопштение реагираше инвеститорот од Скопје кој вели дека обвинувањата од советот и градоначалникот се произволни и неточни и дека е на удар на неколку соседни приватни компании од Гевгелија кои преку невладините организации и градоначалникот се обидувале да ја затворат фабриката која имала дозвола за работа.

Тие посочуваат дека нивната фабрика не загадува, ниту произведува отпад, туку врши рециклирање на пластика која се извезува за Турција и дека одлуката на советот на општина Гевгелија претставува линч за нивниот бизнис и покрај тоа што работеле со дозвола издадена од Министерството за животна средина и просторно планирање при крајот на ноември минатата година и дека работат со целосно почитување на законските норми во државата и европските стандарди.

Преку соопштението скопската компанија бара од градоначалникот,Советот и невладините организации да одговорат зошто останатите компании кои се наоѓаат во истата индустриска зона се изземени од нападите дека загадуваат од која причина се бара поништување само на нивната дозвола за работа, кој е одговорен и која е вистинската позадина на овие организирани напади кон нив.

Компанијата од Скопје најави дека ќе ги преземе сите правни средства за заштита затоа што се компанија која се грижи за заштита на животната средина и здравјето на граѓаните и поради тоа нема да толерираат лаги и дезинформации кои ги претставуваат во поинакво светло.

Од општина Гевгелија денеска потврдија дека остануваат на барањето за поништување на дозволата за работа на „GO Waste Solution” од Скопје од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање од кое ќе бара да изврши и увид на лице место заради утврдување на исполнување на условите за добивање на дозволата затоа што во непоредна близина на фабричката инсталација се наоѓаат прехранбени производни погони.

Покрај ова Општина Гевгелија ќе бара да се утврди дали инвеститорот постапил соглано Законот за управување со отпад според кој, бил должен да добие потврда од општина Гевгелија дека локацијата за вршење на дејноста се наоѓа надвор од населено место.

Општина Гевгелија најави дека ќе поднесе барање и до Законодавно правната комисија за автентично толкување на Законот за управување со отпади нагласи дека ќе ги подржува сите инветициски вложувања на своето подрачје,вклучувајќи ја и лесната и незагадувачка индустрија, но не во градежниот опфат на населеното место.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот