Гевгелискиот кризен штаб бара да се воведе полициски час на територијата на Општината

Кризниот штаб на Општина Гевгелија на денешната седница, по констатираната влошена епидемиолошка состојба во Општината, побара од Главниот кризен штаб да се воведе полициски час на територијата на Општината во периодот од 21.30 часот до 5 часот наутро секој ден до стабилизирање на состојбата.

Покрај ова се бара, за територијата на Општината, да се преиспита зголемувањето на пополнетоста на автобусите на 75 отсто и таа да се врати на 50 отсто, како што беше претходно.

Општинскиот кризен штаб на Гевгелија, се наведува, бара враќање на претходните рестриктивни мерки и примена на мерките за заштита од ширење на ковид-19 од страна на општинските и државните институции, стопанските капацитети и сите економски оператори.

Од денеска, како што посочуваат од Кризниот штаб, се забрануваат групирања на јавни површини во Општината, во туристичките места Смрдлива вода и Негорски бањи, како и во планинските села Конско, Серменин и Ума.

На ЈПКД „Комуналец“ му е наложено да продолжи со дезинфекцијата на улиците и јавните површини, од надлежните служби, се посочува, се бара да ја засилат контролата во поголемите населени места и да се реактивираат патролните екипи.

Сите членови беа едногласни во донесувањето на денешните заклучоци и мерки. Изминативе два дена во Општина Гевгелија беа регистрирани 77 лица позитивни на ковид-19.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот