Германските лекари оптимистични: Ако омикрон стане доминантен, ќе го ублажи притисокот врз здравствениот систем

Германија ковид-19 коронавирус
Медицинско лице се грижи за пациент којшто е заразен со коронавирусот / Фото: EPA-EFE/FRIEDEMANN VOGEL

Омикрон сојот на коронавирусот може да го ублажи притисокот врз германскиот здравствен систем доколку се покаже дека предизвикува поблаги симптоми на болеста, иако бројот на инфекции се зголемува, изјави денеска претседателот на Германското здружение на болнички лекари (ВЛК) Михаел Вебер. 

Тој рече дека коронавирусот повеќе нема да претставува закана за здравствениот систем доколку омикрон стане доминантен во Германија, како во Јужна Африка, Британија или Данска, и доколку инфекциите се претежно благи, како што е случајот таму, пренесува Ројтерс.

„Постои реална можност пандемијата да стане ендемична и во оваа земја“, вели Вебер.

Бројот на дневни инфекции во Германија повторно е во пораст во последните денови по континуираниот пад во декември поради ширењето на омикронот, а зголемен е и бројот на зафатени кревети во одделенијата за интензивна нега.

Германскиот министер за здравство Карл Лаутербах исто така изрази оптимизам дека омикрон изгледа помалку опасен од претходните варијанти, но истакна дека сепак претставува ризик за постарите луѓе кои не биле вакцинирани.

– Првата вакцинација драстично го намалува ризикот од смрт по само 14 дена. Апелирам до луѓето: Вакцинирајте – изјави Лаутербах за весникот „Билд ам Зонтаг“.

Високо заразната варијанта на омикрон предизвика нагло зголемување на случаите на коронавирус ширум светот, а бројот на заразени во светот достигна рекордно ниво, со просечно нешто повеќе од еден милион откриени случаи дневно помеѓу 24 и 30 декември.

Но, досега смртноста не расте со иста стапка, што дава надеж дека оваа варијанта е помалку смртоносна.

Германија објави 12.515 нови инфекции во неделата, а уште 46 лица починаа, со што бројот на починати во пандемијата се искачи на 112.155.

Видео на денот