Германскиот „мотор“ доволно моќен да не однесе до Брисел

Бундестаг/ Фото: ЕПА

По зеленото светло од Бундестагот за европската перспектива на земјава, очите на македонската јавност сега се вперени кон Франција, Холандија и кон Данска. Од Париз веќе стигнуваат позитивни сигнали, а тоа го потврди и францускиот амбасадор во Скопје, Кристијан Тимоние, кој истакна дека наскоро ќе биде направен добар коктел помеѓу реалноста и очекувањата. Од Амстердам и од Копенхаген, пак, на околу две недели до Самитот на министрите за надворешни работи на ЕУ, нема ништо друго освен молк. Како што брифираат извори од Делегацијата на Унијата во Скопје, на 17 или на 18 октомври ќе се знае дали земјава конечно ќе добие датум за преговори, а според аналитичарите, пак, клучно за Македонија е во наредните денови токму Франција и Холандија да го кристализираат својот став. Како што објаснуваат експертите, одлуката на Бундестагот ќе влијае и врз другите членки на ЕУ, односно ќе ги натера Франција и Холандија да ѝ дадат зелено светло на Македонија. И министерот за надворешни работи, Никола Димитров, посочи дека очекува овие две држави да го следат примерот на Германија, оти во спротивно, како што рече, ќе направат огромна стратешка грешка.

Сигналот е испратен

Само уште еден чекор нè дели од почетокот на пристапните преговори со Европската унија, изјави шефот на македонската дипломатија Никола Димитров од Њујорк. Тој рече дека македонските граѓани кои даваат широка поддршка на европската идеја имаат огромни очекувања од октомврискиот состанок на Европскиот совет, а позитивната одлука ќе биде јасна порака за нив, за регионот и за довербата во политиката на ЕУ кон Балканот.

– Јас неодамна бев во Париз каде што се сретнав со министерката за Европа, а се сретнав и со главниот советник за овие прашања на претседателот Емануел Макрон. Се вратив охрабрен. Јас искрено не можам да верувам дека еден од големите лидери на Европа, би направил таква стратешка грешка. Не може да не се охрабри добриот тренд, а да се успее со европеизацијата на Балканот. Мислам дека ќе добиеме поддршка и од Франција и од Холандија. Берлиновото „да“ е голем скок во целта, којашто е пред нас. Една од главните локомотиви на ЕУ е Германија и токму таа им упати сигнал на останатите држави дека оваа работа треба да се заврши – изјави Димитров.

Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, тврди дека доколку сè мине во најдобар ред на Самитот на ЕУ во октомври, тогаш првата меѓувладина конференција ќе се одржи на почетокот на следната година во текот на хрватското претседателство со Унијата.

– Тоа што е важно е дека ние од јуни 2018 година го завршиме првичниот скрининг кој е задолжителен дел по започнувањето на преговорите. Сега директно би пристапиле на билатералниот скрининг и паралелно со тоа како се исполнуваат критериумите за отворање би можеле да ги отвориме и поглавјата – истакна Османи.

Оптимистички став сподели и францускиот амбасадор во Скопје, Кристијан Тимоние, кој рече дека сите го очекуваат зеленото светло што треба да го даде претседателот Макрон.

– Секој со својот систем. Ние го очекуваме зеленото светло од нашиот претседател. Како и секогаш, ние многу споделуваме со нашите германски партнери за оваа тема. Имаме добар став кон вашата земја и кон сите напори што таа ги направи на регионален план. Ние, Французите и Германците многу добро знаеме дека треба уште многу, многу работа за реформите што се на хартија да станат реформи во реалност. Ќе направиме еден убав коктел меѓу реалноста и она што значи добар прием. Реалноста која треба да се поправи и секако она што ние го очекуваме, а тоа е добар прием од наша страна – изјави Тимоние.

Албанија не е пречка за Македонија

Симонида Кацарска од Институтот за европска политика вели дека никогаш нема сигурни гаранции за добивање датум за преговори со ЕУ, но како што додаде, очигледно е дека атмосферата е многу позитивна.

– Добивме позитивен сигнал од францускиот амбасадор Тимоние, кој исто така првпат рече дека очекува зелено светло. Од друга страна, пак, тоа што холандскиот парламент не го подржува почетокот на преговори со Албанија не е воопшто пречка за Македонија. Двете земји не одат буквално во пакет, односно иако се ставаат заедно на агендата, постојат две засебни одлуки. На пример, германскиот Бундестаг на некој начин ги раздвои двете земји, бидејќи за Македонија даде зелено светло, а за Албанија условено – вели Кацарска.

Таа посочува дека ако земјава во октомври добие зелено светло и од Европскиот совет, тогаш патеката во процесот на преговори може да биде многу подетално набљудувана од ЕУ за разлика од претходните кандидати.

– Ние во нашиот случај очекуваме Европскиот совет да ја подготви преговарачката рамка и очекуваме нова комисија што ќе ги води преговорите. Не треба да нè изненади ако има нови елементи на построг монитроинг бидејќи и досега дел од членките не се задоволни од начинот на кој се води монитроинг со земјите со кои преговараат – објаснува Кацарска.

Претседателот на невладината Евроатлантски совет на Македонија, Исмет Рамадани, смета дека одлуката на Бундестагот ќе влијае и на другите членки на ЕУ, односно ќе ги натера Франција и Холандија да ѝ дадат зелено светло на Македонија.

– И Франција и Холандија најверојатно имаат чувство да одговорат на едно вакво позитивно расположение што го наметна Германија. Јас сметам дека позитивен ќе биде и нивниот глас, односно нивната одлука која ќе биде донесена на 16 октомври за време на Европскиот совет. Очекувам од европските земји сериозно да ја примат и пораката од САД која гласи дека Македонија овојпат не смее да биде извисена и дека треба да го добие заслужениот датум за преговори – вели Рамадани.

Арсовски: Огромни се шансите за добивање датум

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека за отворање на првите поглавја од преговорите ќе биде потребен период од три до шест месеци за подготвување на преговарачката рамка и тимовите на двете страни.

– Не верувам дека ние можеме да добиеме некаков датум што всушност не е датум. Или ќе добиеме одлука која ќе содржи конкретен датум или воопшто нема да добиеме датум. Меѓутоа, пораките од германскиот Бундестаг и омекнувањето на ставот на Франција и Холандија, претставуваат чиста индикација дека голема е веројатноста да добиеме датум – вели Арсовски.

Тој смета дека датумот за пристапни преговори нема да ги придвижи внатрешните политички случувања, а на прашањето дали ќе има предвремени избори и кога истите би се одржале, Арсовски вели дека ќе зависи од тоа кој месец земјава ќе ги отвори преговарачките поглавја.

– Што се однесува до СЈО, добивањето датум за преговори нема да ги придвижи политичките случувања, бидејќи притисокот од датумот практично е тоа што ги тера партиите да седнат на иста маса. Ако добиеме датум, партиите автоматски ќе се ослободат од притисокот и ќе ги одолговлечат преговорите до недоглед. Што се однесува до изборите, пак, мислам дека и власта и опозицијата ќе почекаат да го слушнат датумот за преговори со ЕУ, па ако преговарачките поглавја бидат отворени во јуни следната година, тоа значи дека изборите не можат да се одржат три месеци пред или три месеци по преговорите – вели Арсовски.

Рама: ЕУ пред носење на најпаметната одлука

Отворањето на преговорите за Албанија и за Македонија ќе биде најпаметна одлука на ЕУ, порача албанскиот премиер Еди Рама од говорницата на Генералното собрание на Обединетите нации.

– Давањето позитивен одговор на Албанија и Северна Македонија на 18 октомври за нивната амбиција да започнат преговори за членство, нема да биде обична награда заснована врз нивните заслуги, туку стратегиски ќе биде најпамената одлука што ЕУ би ја донела – истакна Рама.

Тој посочи дека регионалната стабилност, безбедноста, напредокот и демократијата во регионот може да се гарантираат единствено од европската перспектива.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот