Германската криза се прелеа: Паѓа и извозот и увозот

Нашиот извоз во Германија е околу 41 процент во вкупниот извоз, па веста за намалување на извозот во оваа земја за 13 проценти во првите 9 месеци од годинава во однос на истиот период лани е особено загрижувачка. Но, добрата вест е што, како што напишаа медиумите, германскиот БДП место пад, неочекувано покажал раст во периодот меѓу јули и септември

Извозот на стока во првите 9 месеци годинава во однос на истиот период лани е намален за дури 6,1 проценти, додека вредноста на увозот е намалена за 0,6 проценти. Падот на извозот и на увозот се лоши економски показатели за нашиот економски развој. Реализираниот извоз годинава заклучно со септември е 5,86 милијарди евра, а увозот е 8,2 милијарди, што значи дека покриеноста на увозот со извозот е 71,5 проценти.

„Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и други катализатори на носачи. Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, платината и легурите на платина, необработени или во прав и други моторни возила за превоз на лица“, пишува во извештајот на Државниот завод за статистика.

Во овој периодот, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена најмногу сме тргувале со Германија, Велика Британија, Грција, Кина и Србија.

Она што особено загрижува е што падот на извозот во Германија ни е дури 13,3 проценти во првите 9 месеци од годинава во однос на истиот период од 2023 година. Увозот, пак, е стабилен и има плус од 0,9 проценти. Годинава, заклучно со септември во Германија сме извезувале 41 отсто од нашиот вкупен извоз, затоа тамошните случувања се исклучително важни. Податоците што ги споделуваат медиумите се дека германската економија е во блага рецесија. Премиерот Христијан Мицкоски на неодамнешната конференцијата на „Блумберг Адрија“ за економскиот потенцијал и развојните можности за Македонија изјави: „Потребно е време за да се појави нова опција за да економијата на земјата целосно не зависи од случувањата во Германија“. Сепак, пред една недела стигна и една добра вест. Првите процени од Сојузниот завод за статистика покажуваат дека бруто-домашниот производ (БДП) меѓу јули и септември во Германија најверојатно се зголемил за 0,2 отсто. Аналитичарите очекуваа дека економијата ќе забележи пад од 0,1 отсто, извести Дојче Веле.

Но, за германските инвестиции во Македонија важна е и деловната клима во нашата земја, а особено работната рака.

Антје Ванделт, директор на Делегацијата на германското стопанство (АХК) во Северна Македонија, вели дека достапноста на квалификувани работници во моментов е клучната точка при носењето одлука дали да се инвестира.

– Недостигот од квалификувани работници станува сè позабележителен во Северна Македонија и се развива во комплексен предизвик како за нови проекти, така и за реинвестиции кај германските инвеститори. Не помага доколку сето ова само се набљудува од страна, а секоја преземена мерка е од значење кога станува збор за одржувањето на атрактивноста на Северна Македонија како локација за инвестирање. АХК Северна Македонија заедно со германските инвеститори, уште во април 2017 година се обиде да се спротивстави на недостигот на квалификувана работна сила преку воведување на програмата „Скилс експерт“, која е наменета за спроведување дуално стручно образование по германски терк во Северна Македонија – вели Ванделт.

Голем пад на извозот имаме и во Велика Британија, за 9 месеци споредено со истиот период од 2023 година, дури 23 проценти. Нашата поврзаност со Британија особено е преку британската компанија за производство на катализатори за автомобилската индустрија, која лани направи приход од речиси 2,4 милијарди евра. Колку за илустрација, тоа е повеќе од целиот Буџет на Македонија, кој во 2023 година на приходната страна беше 4,5 милијарди евра. „Џонсон Мети“, освен што лани беше најголемата фирма по приход, е и најголемата компанија по добивка од 76,3 милиони евра, објави Пари.

Пад на извоз во деветмесечниот период имаме и со Грција (11,8 проценти), со Турција ( 11,8 проценти), со Косово (6,7%)…
Извозот ни се зголеми во Србија за 15 проценти, во Бугарија за 13,3 проценти, а најмногу во САД за 78,1 процент.

Расте и увозот и извозот на храна

Во првите 9 месеци од годинава, вкупно сме увезле храна за 770,8 милиони евра, што е зголемување за 9,8 проценти во однос на истиот период лани. Во исто време сме извезле храна за 397,8 милиони евра, што е 11,5 проценти повеќе отколку лани.
Се зголемил и увозот на пијалаци и на цигари за 16,2 проценти со што достигнал 105,8 милиони евра. Извозот пак достигнал 202,6 милиони евра, или 11,1 проценти повеќе.
Пад на извоз има кај суровините (кои не се храна) за 15,6 проценти, за минерални горива, мазива и сродни производи за 13,9 проценти…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот