Германија воведе нови ковид мерки: Во авион без маски и без доказ за вакцинација

Знак кој ги предупредува Германците да носат маски/ Фото: EPA-EFE/RONALD WITTEK

Според новите правила за коронавирусот кои важат во Германија од 1 октомври – повеќе не е задолжително да се носи маска во авионите и не е потребен доказ за вакцинација или претходен ковид тест при влез во земјата.

Во Германија, правилата поврзани со корона пандемијата ги одредува делумно федералната влада, а делумно провинциите, пишува Дојче Веле и наведува дека низ целата земја има обврска да се носи маска FFP2 во брзите возови и автобусите на долги релации, во домови за стари лица, клиниките и ординациите.

Со новата регулатива која стапи на сила вчера и важи до 7 април 2023 година, сојузните покраини сами можат да воведат уште построги мерки, како што е задолжително носење маски во продавниците и рестораните.

Маските FFP2 задолжителни во транспортот

Во брзите возови задолжително е носење маска FFP2, (досега беше доволна обична медицинска маска). Истото важи и за автобусите кои не припаѓаат на локалниот сообраќај. За децата на возраст од 6 до 14 години, како и за персоналот во возовите и автобусите, сепак е доволна обична хируршка маска.

Засега се чини дека ќе остане веќе постоечката обврска за носење (обична медицинска) маска во јавниот превоз и локалните и регионалните возови.

Повеќе не се потребни маски за летови кои поаѓаат и/или слетуваат во Германија. Дополнително, при влез во Германија не треба да се покаже посебен доказ за вакцинација или негативен тест. Ова важи до 31 јануари 2023 година или додека не се појави нова, поопасна варијанта на вирусот.

Домови за стари лица

Маските FFP2 се задолжителни низ целата земја во клиниките, домовите за стари лица и лекарските ординации.

Во домовите за стари лица и клиниките задолжително е да се покаже негативен тест при влез. Вработените мора да прават тестови најмалку три пати неделно.

Домовите за стари лица, исто така, мора да назначат персонал кој ќе се грижи, на пример, за вакцинација, хигиена и терапиите за пациентите со лекот Пакловид.

Потенцијални дополнителни мерки

Доколку ситуацијата со инфекцијата се влоши, сојузните држави можат да воведат дополнителни мерки. Ова го вклучува максималниот број посетители за настани во затворени простории или обврската за носење маски на отворено доколку таму не е можно растојание од 1,50 метри.

Може да воведат и обврска за носење маска во јавни затворени простори. Ова се однесува на културата, спортот и угостителството.

Овде има исклучок – кој ќе покаже негативен тест, не мора да носи маска во кафулиња и ресторани, дискотеки или на некои настани. Покраините може да го прошират ова ослободување на луѓето кои можат да покажат дека штотуку биле вакцинирани или оздравеле.

Тестовите може да се препишат во училиштата и градинките. Задолжително носење маска може да се препише и во училиштата, но само од петто одделение нагоре.

Од 1 октомври потребна е дополнителна вакцинација, односно трета доза за некој да се смета за „целосно вакциниран“. Две дози се доволни ако некој имал корона вирус и може да го докаже тоа, наведува ДВ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот