Германија се отвора ширум за работниците од земји надвор од ЕУ, владата претстави нов план

Фото: EPA-EFE/ADAM BERRY

Германската влада претстави план со кој пошироко се отвораат вратите за работната сила од земјите надвор од Европската унија, пренесува ДПА. Според нацртот, странците повеќе нема да бидат ограничени со една професија – на пример, механичар ќе може да работи како магационер или полицаец како келнер.

При разгледување на апликацијата за работна виза, искуството ќе добие тежина, а преводот на квалификациите на германски ќе изгуби важност за влез во Германија. Планот вклучува и иновативен систем за бодување за работници од трети земји, вклучувајќи ги и земјите од Западен Балкан.

Министрите се согласија за основните принципи, дека „критериумите можат да бидат квалификации, јазични вештини, работно искуство, семејни врски со Германија и возраст“. Прашањето за бодување на небулозните категории на познавање на јазикот и семејните врски штотуку доаѓа на агендата за дискусија во трипартитната коалиција на канцеларот Олаф Шолц.

Според тоа, службите за странци поповолно ќе ги одмеруваат способноста за интеграција со претходен престој во Германија, работа кај германски работодавач, но и доколку кандидатот има роднини во Германија. Нацртот сè уште не дефинира каков статус треба да имаат тие роднини, на пример дали треба да се вработени.

Полесната имиграција е дел од планираната реформа на законите за азил и миграција што министерката за внатрешни работи Ненси Фезер сака да ја иницира до крајот на годината.

Бундестагот утре треба да гласа за таканаречената можност за право на престој, односно за отворање перспектива за престој за добро интегрираните странци кои подолго време живеат во Германија без безбеден статус.

Почнувајќи од 31 октомври 2022 година, секој што живеел во земјата најмалку пет години и не сторил кривично дело, треба да добие 18 месеци да ги исполни условите за долготраен престој – тука спаѓа совладувањето на јазикот и способноста да се обезбедат средства за егзистенција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот