Германија ново елдорадо за работници и од Македонија

Германскиот пазар на труд, кој се соочува со голем недостиг на квалификувана работна сила во сите економски сектори, има потреба од над половина милион луѓе, а здруженијата на работодавачи бараат зголемена имиграција на работници, објави Институтот за германска економија (IW) од Келн.

Во Германија од јули минатата година до јули годинава на пазарот на трудот недостигале повеќе од половина милион квалификувани работници, покажува студијата на Институтот, пренесува Дојче веле.

Регистрирани се вкупно 537 923 непополнети работни места, а најмногу проблеми со вработувањето стручен труд во изминатите 12 месеци имало во секторот социјална работа.

Во областа на социјалната работа не се пополнети 20 578 работни места – што е нов рекорд, според (IW).

„Станува збор за професионална работна сила која недостасува во социјална работа во училиштата, работа со млади, деца и во домови за стари лица или во советување зависници – со други зборови, во сите оние области каде што е потребна човечка поддршка за решавање на социјалните проблеми“, велат авторите на студијата Хелен Хикман и Филик Конеберг.

Приближен недостиг на квалификувани работници е забележан и во секторот образование, каде што се непополнети 20 500 работни места.

„Во овој сектор тоа е рекордна вредност. Во домовите за стари лица недостигаат 8.279 негувателки, потребни се 16 974 електротехничари, а во здравствениот сектор, односно грижата за пациентите, потребни се уште 16 839 работници“, се наведува во студијата.

Сè потешко е да најдат квалификувана работна сила и компаниите кои се занимаваат со системи за греење или одржување на климатизацијата, немаат 14 013 работници. Германски компании бараат и 13 638 информатичари, 12 060 физиотерапевти, 11 771 техничар за одржување моторни возила, како и 10 562 професионални возачи.

Институтот од Келн предвидува дополнително влошување на состојбата со недостиг од возачи на пазарот на трудот имајќи предвид дека возачите се натпросечно стари и имајќи предвид дека недостигаат помлади луѓе.

Претседателот на здружението на работодавачи од металопреработувачката индустрија Штефан Волф се залага за донесување нов закон за имиграција поради недостигот на квалификувана работна сила.

„Потребен ни е закон за имиграција каков што има Канада. На имигрантите мора да им се обезбеди долгорочно право да престојуваат во Германија“, заклучи Волф.

Инаку, многу државјани на земјите од Западен Балкан меѓу кои и Македонија, кои имаат ниски плати, како и невработени, се одлучувааат да заминат во западноевропските земји, пред сѐ, во Германија, а уште многумина планираат да заминат што, од друга страна, во нивните матични земји веќе почна да предизвикува загриженост како поради депопулацијата, така и поради недостигот од работна сила.

Состојбата во земјава е драматична по ова прашање што всушност говорат и последните податоци од пописот во земјава во однос на иселените граѓани.

Откако Германија најави дека периодов ќе го отвора пазарот на трудот за стручна работна сила и од држави што не се членки на ЕУ, агенциите во земјава продолжуваат да нудат посредување при барање работа во Германија.

Од она што сега се бара во Германија од работна сила се инженери по електротехника, металски и инженери по мехатроника, готвачи, медицински сестри, негуватели, ИТ-стручњаци, односно програмери. Германската влада настојува, освен од земјите од Балканот, да привлече и стручњаци од Мексико, Филипини, Бразил, Индија и Виетнам – велат од една скопска агенција, која нуди посреднички услуги при вработување во странство – велат за „Слободен печат“ од една една скопска агенција, која нуди посреднички услуги при вработување во странство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот