Германија и Франција демонстративно ги напуштија преговорите за СЗО поради САД
Француското министерство за здравство рече: „САД не би смеел да биде предводник во реформата на СЗО откако објави дека има намера да ја напушти таа организација“.
Германија и Франција ги напуштија преговорите за реформа на Светската здравствена организација (СЗО) фрустрирани од обидите на САД да води преговори иако одлучи да ја напушти таа организација, велат официјални лица.
Нивниот потег е удар врз американскиот претседател Доналд Трамп, зошто Вашингтон, кој моментално претседава со групата Г7, се надеваше дека во септември ќе објават заеднички план за сеопфатна реформа на СЗО, два месеци пред претседателските избори во Америка.
САД во јули ја извести СЗО дека ја напушти на година дена откако Трамп ја обвини дека е премногу блиска со Кина и дека лошо управува со пандемијата од коронавирус. СЗО ги отфрли сите обвинувања.
Европските влади исто така ја критикуваат СЗО, но не одат толку далеку како Вашингтон.
„Никој не сака да биде вовлечен во реформскиот процес и да добие за тоа нацрт од земја која самата тукушто го напуштила СЗО“, рече високиот европски функционер кој учествува во преговорите.
На прашањето да ја потврдат одлуката на Париз и Берлин, портпаролите на владите на Германија, Франција, Британија и Италија немаа коментар.
Но француското министерство за здравство рече: „САД не би смеел да биде предводник во реформата на СЗО откако објави дека има намера да ја напушти таа организација“.
На прашањето за ставот на Франција и Германија, висок функционер од администрацијата на Трамп рече: „Сите членки на групата Г7 експлицитно ја поддржаа идејата за реформа на СЗО“.
„Меѓутоа, за желење е тоа што Германија и Франција на крајот избраа да не се придружат на групата во прифаќање на планот“, рече тој.