Германија е оптимист за почетокот на преговори и покрај спорот меѓу Скопје и Софија

Германската амбасадорка во земјава Анке Холштајн, останува оптимист за европерспективата на Македонија. Таа за време на работниот појадок со министерот за надворешни работи Бујар Османи и бугарскиот амбасадор Ангел Димитров посветен на Берлинскиот процес, истакна целите на германскотот претседателство со ЕУ остануваат непроменети.

– Ќе продолжам да повторувам дека првата Меѓувладина конференција меѓу Европската унија и Северна Македонија е наша цел што се однесува до проширувањето, за време на германското претседателство. Ние се држиме цврсто до таа цел и правиме се што е возможно. Контактираме со сите инволвирани страни, бидејќи останува уште малку време. Сите имаат интерес ова да се случи, ние сме оптимисти, истакна амбасадорката Холштајн.

Сепак останува неизвесен стартот на преговорите на Македонија со Брисел за членство во Европската унија, откако Бугарија се посериозно ја разгледува можноста за вето додека не се испеглаат разликите меѓу двете земји.

Официјална Софија ги нема променето ставовите, потврди бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов.

Бугарија не ги менува позициите, се држиме до Декларацијата што ја усвои Собранието и решението на Владата, истакна Ангелов.

Кај домашните власти, пак, продолжува да владее оптимизам за усвојување на преговарачката рамка и одржување на Меѓувладината конференција до крајот на годината и покрај спорот со Бугарија. Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, порача дека со Софија треба обострано да се ислушаме.

Оставањето на отворените прашања под тепих не ги решава проблемите. Напротив ги акумулира и прави потешки за решавање, одговори Османи, додавајќи дека Договорот не е едностран акт и во него ги има инструментите преку кои ќе се решаваат разликите и ќе се изнајде заеднички јазик.

Амбасадорите на земјите-членки на Унијата денеска во Брисел активно разговараат за формата и деталите од преговарачката рамка, а 10 ноември останува последниот датум за нејзино усвојување. 

Во меѓувреме, темата за Македонија се актуелизира во бугарското Собрание. Опозицискиот пратеник, од редовите на Бугарската социјалистичка партија, Валери Жабљанов порача премиерот Бојко Борисов, штом ја добие битката со корона вирусот, да даде отчет за односите со Македонија, додавајќи дека е загрижен што Владата преговара за анекс на Договорот за добрососедство, а Собранието во целиот процес е изоставено.

Јавноста во Бугарија се почесто ја поставува под прашалник одлуката на властите да го „закочат“ евроинтегративниот процес на Македонија. Одговорајќи на прашањето на бугарските новинари дали е неопходна поцврста политика кон југозападниот сосед, членот на Бугарската академија на науките, доцент Спас Ташев, вели дека е неопходно да се изнајде нов пристап.

– Имаме одредена градација од никаква политика кон некаква политика. Оваа втората политика се карактеризира со две нешта – потврд пристап, а во истото време немаме јасни механизми со кои да ги постигнеме саканите цели. За мене историјата е без суштествено значење, ако ја загубиме сегашноста и иднината со овие луѓе кои ги нарекуваме браќа, вели Ташев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот