Германија бара од Швајцарија да и продаде дел од своите тенкови „Леопард 2“ за да ги испрати во Украина

Фото: Bundeswehr/Wikipedia

Германија побара од Швајцарија да и продаде дел од своите тенкови „Леопард 2“, за да може да додели поголема воена помош за Украина, објави денеска швајцарскиот весник „Блик“.

Како што пишува весникот, Германија бара Швајцарија да продаде дел од своите тенкови на производителот Rheinmetall, за да се пополнат празнините во вооружувањето на членките на ЕУ и НАТО.

Германија, Полска, Португалија, Финска и Шведска се меѓу земјите кои испраќаат „Леопарди“ во Украина, но со тоа го проретчиле својот воен арсенал.

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус и министерот за економија Роберт Хабек ја информирале швајцарската министерка за одбрана Виола Амхерд за нивната намера во писмо од 23 февруари, пишува „Блик“. Тие бараат од Берн да се согласи со продажбата, со ветување дека швајцарските тенкови нема да завршат во Украина.

Законите за неутралност и ембаргото за оружје ја спречуваат Швајцарија да испраќа оружје директно во Украина, а ако се согласи со барањето на Германија, швајцарскиот Парламент ќе бара официјално да прогласи дека тенковите се надвор од употреба, објаснува весникот.

Швајцарското Министерство за одбрана соопшти дека германското барање се разгледува.

„Од воена гледна точка, во принцип, имајќи ги предвид потребите на Швајцарија, би било можно да се откаже од помал број тенкови“, изјави портпаролот на Министерството.

Во претходните случаи, Берн ги отфрли барањата на Германија, Шпанија и Данска за извоз на претходно купена швајцарска муниција во Украина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот