Германците најмногу се плашат од цените и миграцијата
Дали цените ќе продолжат да растат? Дали ќе можам да го платам станот? Дали Германија ќе биде преплавена од доаѓањето на нови бегалци и мигранти? Овие прашања предизвикуваат голема загриженост кај Германците, се вели во студијата „Стравовите на Германците“, јавува ДПА.
Загриженоста за постојано зголемување на трошоците за живот е на прво место меѓу стравовите. Дури 57 отсто од учесниците во истражувањето рекле дека се плашат од дополнително зголемување на цените.
„Погледот на нашата долгорочна статистика покажува: Кога станува збор за личните финансии, Германците реагираат чувствително“, вели авторот на студијата Гриша Брауер-Рабинович.
Многу Германци, 52 отсто, сè уште стравуваат дека кириите ќе станат превисоки. Сепак, во однос на минатата година, расположението е подобрено. Стравот од поскапување и прескапите станови се намали за по осум отсто.
„Луѓето имаат повеќе во своите паричници. Тоа не е без последици“, рече Брауер-Рабинович.
Студијата за стравовите е нарачана од осигурителната компанија R+V..
За овогодинешното истражување, од јуни до август, анкетарите контактирале околу 2.400 луѓе на возраст над 14 години.
Темата за миграцијата продолжува да ги загрижува луѓето во Германија и е втора на листата на стравови. Повеќе од половина од анкетираните, 56 отсто, стравуваат дека општеството и властите не можат да се справат со бројот на бегалци.
Понатамошните миграции може да доведат до тензии во општеството, изјавиле 51 отсто од испитаниците.
„Главните проблеми поврзани со миграцијата и интеграцијата се запоставени долго време.“, рече политикологот Изабел Боруцки, додавајќи дека институциите мора да направат повеќе.
„Особено на исток, постои чувство на нееднаков и нефер третман во делови од општеството. Странците, бегалците и нивното доаѓање се доживуваат како закана“, објасни таа.
Значително е зголемен и стравот од политичкиот екстремизам – 46 отсто од испитаниците рекле дека се плашат од него, што е за осум отсто повеќе од лани.
Од нив, 48 отсто се плашат од исламистички тероризам, 38 отсто од десничарскиот екстремизам, а седум отсто од левичарскиот екстремизам.