ГЕРБ води, но неизвесно е кој ќе владее

Бојко Борисов
Бојко Борисов/ EPA/GEORGI LICOVSKI

Доколку се оствари опцијата за парламент со учество на шест до седум партии, тоа ќе овозможи повеќе комбинации за коалиции и тешко формирање влада. Во исто време, јасно е дека парламентарната фрагментација ќе спречи појава на јасна и убедлива алтернатива

Во пресрет на изборната кампања и еден месец пред денот на гласањето, ГЕРБ веќе има јасно водство пред бугарските социјалисти (БСП), а се најавува и трка за третото место меѓу партијата (Има таков народ) на популарниот шоумен Слави Трифонов и Движењето за права и слободи МРФ (која често се опишува како партија на етничките Турци во Бугарија).

Во идното, 45-то Национално собрание безбедно ќе влезат пет партии, а над прагот од четири проценти е и Демократска Бугарија (на претседателот Румен Радев). Најмалку уште две други формации имаат значителни шанси да ја прескокнат бариерата – унијата околу Маја Манолова и ВМРО на Каракачанов.

Ова се прогнозите на сите поголеми истражувачки агенции во последните денови, вклучувајќи ги и податоците објавени од истражувањето на „Алфа рисрч“ направено во последната недела од февруари.

Најави за послаба излезност

Една голема непозната, сепак, ја прави ситуацијата многу понејасна отколку што изгледа на прв поглед: одзивот на гласачите, што веројатно ќе биде значително под влијание на развојот на епидемијата во земјата. На фонот на повторното отворање на рестораните и олабавувањето на мерките може да се помисли дека масовното чувство е дека инфекцијата се повлекува, но во реалноста се случува спротивното – случаите растат со значително темпо, а во моментот не се случува ништо за да се запре трендот. Така, сосема е можно дека Бугарија непосредно пред изборното гласање ќе се најде во ситуација блиска до есенската криза. И, тоа би имало значително влијание врз учеството на бирачите.

избори гласање бугарија
Фото: EPA/GEORGI LICOVSKI

Во последниве години, истражувачите на јавното мислење се соочуваат со проблеми што ги спречуваат да дадат точни предвидувања, како што е неподготвеноста на луѓето искрено да одговорат, особено на прашањата за владејачката партија или разните обиди на владини претставници да влијаат врз резултатите за да се оправдаат себеси, со можност и за евентуална изборна измама со купување гласови.

Сепак, според најновите анкети, главните сценарија по изборите на 4 април се две можности:

  • Доколку се потврдат сегашните прогнози, Бугарија ќе има прилично шарен парламент и интересни, иако тешки, можности за потенцијални коалиции – и владејачка и опозициска.
  • Со слаб изборен одзив победуваат партии со „тврди“ јадра – големите партии плус ВМРО, што значи парламент со 4-5 формации, тешки формули за управување, мала застапеност и веројатна нестабилност.

Кој (најверојатно) ќе влезе во парламентот?

Според истражувањето на агенцијата „Алфа рисрч“, ГЕРБ подолго време се мобилизира и веќе има удобна предност пред БСП. Според еден од партнерите во агенцијата, Борјана Димитрова, не станува збор за висок раст на ГЕРБ, туку за слаба мобилизација на БСП, каде што има внатрешна напнатост и конфликти.

Водството на ГЕРБ помеѓу 3-5% го покажуваат и предвидувањата на другите истражувачки агенции.

Извор: „Алфа рисрч“

Анкетите предвидуваат и многу тесна трка меѓу Има таков народ и МРФ за третото место. Предноста на МРФ е во огромното изборно искуство и големата мобилизација на електоратот на партијата. Од друга страна, како што забележуваат истражувачите од „Егзакта“, гласачкото тело на Слави Трифонов сè уште нема доволно големо цврсто јадро и предвидувањата за резултатот на Има таков народ се несигурни.

Петтото место е за Демократска Бугарија, која, сепак, покажува одреден пад на поддршката од постигнатиот врв при протестите на Росенец. Во принцип, коалицијата има солидно јадро и активни поддржувачи кои се мобилизираат во последен момент, а таа се потпира и на гласачи од странство, па во други околности ова би било доволно за да се обезбеди влез во парламентот. Меѓутоа, сега, според „Алфа рисрч“, на коалицијата ѝ е неопходна уште посилна кампања и мобилизација, бидејќи протестниот глас е расфрлен меѓу неколку други субјекти со шанса за политичко претставување. Меѓу нив е и унијата околу Маја Манолова и т.н. „Отровно трио“ (предводниците на протестите во Бугарија: Велислав Минеков, Николај Хаџигенов и Арман Бабикјан), кое е на прагот да влезе во парламентот.

И ВМРО е на работ, а другиот патриотски сојуз – НФСБ/Волја е малку поназад.

Според „Алфа рисрч“, неколку други мали партии имаат близу 1% поддршка, што значи дека имаат шанса барем да добијат државна субвенција како резултат од поддршката на гласачите. При тоа, околу 15% од сите гласачи (скоро 1/3 од оние што рекле дека ќе гласаат), или 400.000 луѓе, сè уште не се одлучиле за кого ќе гласаат. Овој прилично висок удел има потенцијал да одреди кои формации ќе влезат во следното Национално собрание, па дури и да ги преуреди водечките позиции со релативно блиски резултати.

Извор: „Алфа рисрч“

Можни формули за управување

Ако остане ситуацијата како што сугерираат податоците од сегашните анкети, ГЕРБ има шанса да освои околу 85 места во новиот парламентарен состав – една третина од сите, што несомнено го прави водечки кандидат за формирање влада, вели Борјана Димитрова. Сепак, политичките стратегии на МРФ и Има таков народ, во голема мера ќе ја одредат природата и можноста за идна владина коалиција воопшто, според анализата на агенцијата.

Доколку се оствари опцијата за парламент со учество на шест до седум партии, тоа ќе овозможи повеќе комбинации за коалиции и тешко формирање влада. Во исто време, јасно е дека парламентарната фрагментација ќе спречи појава на јасна и убедлива алтернатива. Според формулата „Сите против ГЕРБ“, партијата на Борисов ќе биде силна опозиција и шансите за стабилно мнозинство со учество на три до четири од другите партии не можат да се оценат како особено големи, коментира Борјана Димитрова.

„Алфа рисрч“, како и другите агенции, не ја исклучуваат опцијата за формирање нестабилен парламент и, потоа, нови парламентарни избори, иако јавниот постизборен притисок за формирање влада што ќе се бори против здравствената и економската криза, ќе биде силен.

Ефектите на малата излезност

„Алфа рисрч“ предвидува 52,5% одзив – пораст од околу 3% споредено со јануари годинава. Агенцијата „Тренд“ прогнозира 47% излезност, а „Егзакта“ – 45%. Како и да е, текот на епидемијата може значително да го намали бројот на луѓето кои ќе се решат да гласаат, бидејќи „Егзакта“ предвидува дека до датумот на гласање излезноста може да падне и до 40%.

Ова може да доведе до сосема поинаква ситуација во парламентот: ако одзивот падне под 2,5 милиони гласачи тоа, според „Алфа рисрч“, ќе има два ефекти врз изборите: од една страна, директен ефект ќе биде трансформацијата на гласовите во конкуренција помеѓу тврди јадра и потенцијал за сериозна промена во сегашните изборни слоеви; од друга страна, индиректната последица е послабата легитимност на избраниот парламент и тешко формирање на владина коалиција.

Според Борјана Димитрова, падот на излезноста автоматски доведува до бонуси за трите партии со најголемо тврдо гласачко тело, како ГЕРБ, БСП и МРФ. „Во такво сценарио, можно е некои од помалите партии да отпаднат од парламентот, па иако така фрагментацијата ќе биде помала, сериозни ќе бидат тешкотиите за формирање влада во таков парламент: „Можно е да нема една доволно силна партијата за да биде стожер за формирање влада, но нема да има ни такви кои ќе бидат доволно слаби за да бидат елиминирани од тој процес. Како да се формира влада во оваа ситуација е големото прашање“, вели Димитрова.

На почетокот на изборната кампања, темата за потенцијално слабиот одзив заради епидемијата генерално ја избегнуваат политичарите, па дури и здравствените власти, но податоците за морбидитетот, за хоспитализациите и за морталитетот навестуваат алармантен тренд што може да достигне врв кон крајот на март. Како луѓето ќе реагираат и дали ова ќе ги спречи да стигнат до гласачката кутија е покомплексно прашање. Според студија на „Алфа рисрч“, значителен дел од луѓето живеат во страв од инфекција, но се чини дека не се особено загрижени за непосредната опасност, особено не на избирачките места. Така, со нагло влошување на епидемијата, не е јасно каде ќе одат емотивните и психолошките ставови на луѓето, коментираат од „Алфа рисрч“.

 

Преземено од „Капитал“ од Софија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот