Герасимовски започнува со реализација на едно од ветувањата: ПОЦ ќе се грижи и за хигиената во Центар

Градоначалникот на Центар Горан Герасимовски на средба со директорот на ПОЦ, Васко Кичевски, Фото: Фејсбук

Освен за регулирање на паркирањето во Центар, во иднина ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ ќе се грижи и за јавната хигиена. Во рамките на претпријатието ќе се формира ново, кое ќе се занимава со комунална дејност.

Ова, всушност, претставува реализација на едно од ветувањата на новиот градоначалник Горан Герасимовски дадено во текот на изборната кампања дека ПОЦ, покрај организирање, управување, уредување и одржување на јавните паркиралишта, ќе добие дополнителна дејност, односно ќе се грижи за одржувањето на јавната хигиена на целата територија на општината.

За реализација на ваквата идеја и за подготвителните активности што треба да се направат во ПОЦ за да се одвои и да се зајакне секторот јавна хигиена во посебен нов сектор, градоначалникот Герасимовски разговараше со директорот на претпријатието, Васко Кичевски.

Првично треба да се дефинира новата структура на претпријатието и постапките за префрлање на хигиеничарите што се вработени и механизацијата во ПОЦ. Потоа ќе се направи структура за потребните одделенија, број на координатори, поделба на општината на реони и проценка на потребните капацитети. Со ваков пристап ќе бидеме сигурни дека ќе располагаме со доволно ресурси и прецизен план на работа за да ја одржуваме општината чиста – вели Герасимовски.

Тој прецизира дека анализата за структурата на новиот сектор ќе почне да се прави наредната недела, а по одлука на Советот ќе започне реализацијата.

И додека течат подготовките за формирање на новото комунално претпријатие во рамките на ПОЦ, се зајакнуваат и капацитети на претпријатието со нова механизација. Најдоцна до февруари наредната година, според информациите од Центар, треба да пристигне цистерна за чистење на улиците. Претпријатието треба да добие и три метларки и дополнителна, една помала, за чистење на пешачките зони.

Предизборното ветување на Герасимовски, ПОЦ да стане и комунално претпријатие, започна со реализирање и со ова се решава еден од трите клучни проблеми во општината, а тоа е решавање на проблемот со уличната хигиена. Со проширување на дејноста на ПОЦ во комунално претпријатие, општината ќе обезбеди чисти улици и паркови секаде и во секое време – тврдат од Општина Центар.

Во кампањата Герасимовски исто така најави и „маалски патроли“, кои ќе бидат задолжени за грижа и заштита од уништување на јавното добро и урбаната опрема.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот