Герасимовски: Заедно со жителите од „Буњаковец” ќе ги решаваме проблемите околу пазарот

Горан Герасимовски /Фото: МИА

По одржаните средби со граѓани кои живеат на улиците „Мирослав Крлежа” и „Ленинова”, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, вчера одржа средба со граѓаните кои живеат во близина на пазарот „Буњаковец”.

Проблемите со паркинзите, отпадот, доставата на роба до пазарот и околните маркети беа едни од главните проблеми кои граѓаните им ги презентираа на градоначалникот Герасимовски и претставниците на општинските служби и ЈП „ПОЦ” кои беа присутни на средбата.

Според соопштението од општината во отворен разговор и дискусија со службите и градоначалникот, граѓаните имале забелешки и за состојбата со кафе баровите и рестораните во тој дел, нивото на хигиена и состојбата со тротоарите, каде се паркираат возила и има поставено урбана опрема од локалите.

-Само со отворен дијалог можеме да ја решиме состојбата во делот околу Буњаковец и ООУ „Коле Неделковски”. Затоа сме и сите вечерва тука, да дискутираме, да слушаме идеи и предлози и заедно да бараме решенија. Во овој дел има проблеми кои се таложеле години наназад и не можам да бидат одговорен за моите претходници, но ве уверувам дека во иднина заедно ќе ги решаваме проблемите, изјави градоначалникот.

Граѓаните меѓу другото побараа и поставување на лежечки полицајци во близина на училиштето „Коле Неделковски”, овозможување на пристап за лица со потешкотии на јавните површини и затворање на овој дел д општината за сообраќај и менување во пешачка зона, со поставување на рампа кај Министерството за култура.

Извор: МИА

Видео на денот