Герасимовски: Напредува изградбата на градинката „Пролет“, завршени 40 отсто од градежните зафати

Околу 40 отсто од градежните активности на новата градинка „Пролет“ се завршени и изградбата напредува според предвидената динамика. Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски изврши увид во градежните работи на градинката, која е прва градинка во населбата „Пролет“ и прва нова градинка по цели 50 години во Општина Центар.
Со градежни работи започнавме во јули минатата година и градбата напредува, во моментов околу 40% од градежните зафати се готови. Градинката „Пролет“ ќе се простира на површина од 3.276 метри квадратни, ќе биде на две нивоа со капацитет за згрижување на 150 деца во 9 занимални. Ќе располага со лифт и надворешно игралиште до кое можат да пристапат и деца со попреченост во движењето, атриум, просторија за лекар со изолација за дете и сопствена кујна со трпезарија за свежо приготвена и здрава храна за дечињата – вели Герасимовски.
Изградбата на градинката е целосно финансирана од Општина Центар и ќе чини околу 2,5 милиони евра, а со неа се решава огромен неколку децениски проблем за родителите кои децата за згрижување мора да ги носат во соседните населби.