Георгиевски тврди дека со ДУП-от за 100 хектари ќе се намали површината за загадувачка индустрија

Чиста шпекулација е дека во Гази Баба ќе се продава земјиште кое ќе се намени за  изградба на фабрика  за преработка на отпад. Иако точно е дека сме размислувале за тоа, но се  ништо конкретно не е одлучено. Ова денеска го изјави градоначалникот на  Гази Баба, Борис Георгиевски.

Според неговата изјава,  граѓаните залудно се грижат, донесувањето на новиот Детален урбанистички план нема  да го овозможи изградба на нови капацитети за тешка и загадувачка индустрија, со намена Г1.

-За 30 проценти ќе се намали  површината на  загадувачката  индустрија, што значи дека со донесувањео на ДУП-от ќе има 100 хектари помалку површина отстапена за тешка и загадувачка индустрија.Усогласени сме со Градот дека ќе биде намалена површината на загадувачите и не постои можност да има развојна компонента. Дури и нема интерес кај инвеститорите за развој на загадувачка индустрија, затоа што процедурите се сложени и скапи. Одговорно тврдам дека не се предвидува развој на тешката индустрија, освен таа што веќе постои, во рамки на  Железара, друга нема да има, тврди градоначалникот  Георгиевски.

Според него, донесувањето на ДУП-от ќе биде од корист за Општината, бидејќи на тој начин секој  од правните субјекти кои користат земјиште во Железара ќе мора да плаќа данок на Општината, што досега вешто го избегнувале, токму поради немањето на ДУП.

-Сакаме да воведеме  ред, а тоа е можно само со донесување на ДУП. Правните субјекти кои се во Железара имаат само корисничко право, со ДУП-от ќе знаеме кој управува со нив, и ќе мора да плаќа данок на имот, а ќе може и да го откупи земјиштето. Планот се уште не е усвоен и измени се возможни. Мислењето  на граѓаните ми е најважно. Стојам на располагање да разговарам со граѓаните, но со факти, и упатувам апел до граѓаните да доаѓаат со проверени информации. Во прашање се и политички игри,  кои во никој случај не ги оправдувам, а до граѓаните апелирам да не потпаѓаат под  влијание на политичките партии од опозицијата, вели Георгиевски.

Тој  ги демантираше и шпекулациите  дека  инвеститорот  на Ист Гејт е  ослободен од  плаќање на комуналии.

-Ист гејт ќе биде отворен во септември. Никого не можеме  да ослободиме од комуналии. Имаме пренесено право на градба, бидејќи не сме овозможиле патна инфраструктура. За сметка на тоа,  инвеститорот ќе ја  направи патната инфраструктура,  а ќе плати  помалку.  Но, се е пресметано, и  нека нема сомнеж дека Општината му  овозможила да не ги плати комуналиите. Ние тоа можеме да го  направиме само ако станува збор за училиште или градинка, објаснува Георгиевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот