Георгиевски оди по медал во Токио

Дејан првпат ќе настапи на олимписки игри. Но, тој вели дека досега има освојувано највисоки меѓународни одличија, дека на Игрите оди со постигната А-олимписка норма и тој факт му дава за право да се надева на трофеј во Токио.

Македонскиот натпреварувач во таеквондо Дејан Георгиевски (+ 80 кг) е еден од двајцата претставници од нашата земја кој ќе настапи на ЛОИ 2020 во Токио (23 јули-8 август) со остварена олимписка норма. Другиот наш спортист со норма е борачот Магомедгаџи Нуров. Останатите македонски претставници ќе настапат благодарение на вајлд-карти.

Со самото тоа што Георгиевски оди на ЛОИ со постигната норма, растат очекувањата во јавноста за добар резултат. Тој во неколку изјави најави дека целта му е медал во Токио. Го запрашавме Дејан, кој е дебитант на едни ОИ, колку неговите најави за медал се желба и амбиција кај него, а колку реално во таква конкуренција може навистина да се надева на место на подиумот?

– Ќе ве потсетам дека освоив олимписка А норма. Домашен спортист од Македонија за жал тоа го прави првпат по 12 години, или три олимписки циклуси. Нормата ја освоив победувајќи го актуелниот олимписки шампион Радик Исаев. Јас не можам да разберам, спортист кој освоил олимписка норма да не оди на Игрите со амбиција да освои медал. Тоа нема логика. Сметам дека нормата сама по себе е огромен, ако не и еден од најголемите спортски успеси во последнава декада во Македонија. Но, секако дека не сакам да застанам тука. Не постои натпреварување на кое што не одам на медал, па тоа важи и за Олимписките игри. И тоа е натпревар – вели Георгиевски за своите амбиции. Конкуренцијата ќе му биде силна.

– Конкуренцијата е пеколна, таму се најдобрите 16 на планетава, но не заборавајте, таму припаѓам и јас. Двапати освоив медал на европски сениорски првенства, бев европски шампион, а лани бев втор во Европа. Не знам што треба повеќе од ова за да очекувам медал. Сепак, на крајот на денот ова е само спорт, се е можно. Важно е дека јас и мојот тим знаеме оти нашиот квалитет е рамен на тоа да очекуваме медал од олимписки игри и тоа е доволно. Свесен сум дека македонската јавност не е доволно подготвена да очекува норма, а камоли медал од олимписки игри. Нашата генерација во олимписко таеквондо допрва ќе го менува ова – вели Георгиевски. Тој и порано се среќавал со оние со кои ќе има дуели во Токио.

– Моите противници ми се познати. Речиси сите сум ги среќавал на борилиште, сум ги победувал и сум губел. Таму се светските шампиони и медалисти Ларин од Русија, Алба од Куба, Чо Махама од Британија, Ким од Кореа, Бахман од Германија, Исуфу од Нигер, најдобрите во овој олимписки спорт на планетава. Чест ми е што ќе бидам таму. Ќе видиме во Токио кои се фаворити за медал. Сè е можно – вели Георгиевски, кој истакнува дека му е голема чест што ќе го носи македонското знаме на церемонијата на отворањето.

– Не знам дали има поголема чест за еден Македонец од тоа да биде знаменосец на на олимписки игри – вели Дејан, кој зборува и за подемот на неговиот спорт во Македонија.

– Таеквондото станува сè попопуларно во Македонија, пред се благодарение на перфектната работа на мојот тренер и претседател на македонската таеквондо федерација д-р Борче Костовски, а потоа и на нас натпреварувачите. Не смееме да ги заборавиме успесите и на Филип Додевски и Анамарија Георгиевска. Анамарија е носител на светски, додека Филип на европски медал – вели Георгиевски.

Покрај Георгиевски и Нуров, во македонскиот тим за Токио се и атлетичарот Јован Стојоски, каратистката Пулексенија Јованоска, стрелачот Борјан Бранковски, пливачката Миа Блажевска – Еминова, џудистката Арбреша Реџепи, а во текот на вчерашниот од МОК потврдија дека и пливачот Филип Деркоски ќе ја претставува нашата земја на Летната Олимпијада.

Реџепи: Олимпискиот пат ми беше долг, а среќата е неизмерна

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот