Георгиески: Општина Охрид повеќе не е на првото место на листата на најголеми должници

Охрид / архива / Фото: Profimedia

Советот на Општина Охрид денеска го усвои ребалансот на буџетот, за кој општинските власти посочуваат дека беше под постојан притисок предизвикан од социоекономските последици наметнати од епидемијата на коронавирусот.

Со ребалансот се намалува буџетот за девет проценти, се кратат дел од средствата што се планирани и се во тек на реализација, а кои за наплата ќе пристигнат наредната 2021 година. Истовремено продолжува сервисирање на процесот на раздолжување на општината.

Градоначалникот на Охрид Константин Георгиески истакна дека остварувањата во носечката програма во буџетот – уредување градежно земиште, заклучно со 31 минатиот месец изнесува 70 отсто. Како што појасни, високото ниво на реализација се должи на успешното завршување на реконструкција на улиците „Македонска бригада”, „Прва македонска ударна бригада”, улици во населбата „Христо Узунов”, улицата што минува низ поранешната касарна, изведба на тротоари и патеки на улицата „15 Корпус”, сервисни улици во повеќе села и населби, а во тек е реализација на реконструкцијата на „Абас Емин”.

-Со донесениот ребаланс на буџетот се овозможува реализација на проектите за кои се завршени тендерските постапки, склучени се договори, и за кои се очекува во текот на последните два месеци на годината да почнат со реализација. Дел од тие инфраструктурни проекти ќе се финансираат и наредната година. Тука се реконструкцијата на улицата „Марко Цепенков”, изградба на коритото на река „Грашница” во делот од булевар „Туристичка” до улица „Железничка”, изградба на резервоар за водоснабдување на селото Горно Коњско, изградба на потпорен ѕид во стариот дел на градот, поставување подземни контејнери на повеќе локации во општината, набавка и поставување на типизираните тезги за продажба на сувенири и други предвидени програмски активности. Во делот на образованието продолжуваме со инвестициски активности во речиси сите основни и средни училишта, рече Георгиески.

Што се однесува на забелешките од опозицијата дека со ребалансот се предвидуваат повеќе пари за нови партиски вработувања или исплата на стари долгови кон партиски доверители, Георгиески потсети на, како што рече, „најголемиот успех на оваа локална власт” преку раздолжувањето на општината.

-Долгот од 1.6 милијарди што го наследивме во 2017 година, го сведовме на ниво 470 милиони денари по сите основи. За само две години долгот е намален за фантастични 1,2 милијарди денари. По скоро две децении, општина Охрид повеќе не е на првото место на листата на најголеми должници како локална самоуправа, истакна Георгиески.

Градоначалникот уште појасни дека со ребалансот на буџетот не се предвидуваат нови средства за привремени вработувања, туку истите се намалуваат од 8,5 на пет милиони денари, додека 40-те милиони денари посочени од опозицијата се средства наменети за исплата на спогодби потпишани во минатото чие непочитување не само што значи кршење на законот, туку создава ризик за нови судски процеси и нови долгови за општината.

Тој потенцира и дека во делот на непродуктивните расходи, Општина Охрид 2020 година ќе ја заокружи со нула трошоци за ресторански услуги и репрезентација и со реализација само на една исплата на име на трошоци за обележувањето на патрониот празник за минатата година, додека трошоците на институцијата Градоначалник за патните и дневните расходи со денеска усвоениот ребаланс се намалуваат за 355 илјади денари.

Градоначалникот Георгиески уште рече дека сите средства што му се исплатени на име патни и дневни расходи во 2020 година на крајот на годината ќе ги уплати на сметката на Дневниот центар за лицата со интелектуална попреченост „Зраци”.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот