Георгиески: Независно од одлуката на УНЕСКО, работиме на зачувување на статусот на Охридскиот Регион

Фото: МИА

Општина Охрид стори сè што е во нејзина моќ за исполнување на препораките на УНЕСКО и одредбите од Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион. Сериозната посветеност во насока на исполнување на препораките на УНЕСКО во делот на уредување и управување со крајбрежјето е веќе видлива на терен. Покажавме вистинска волја, капацитет и подготвеност да се соочиме со проблемите и да започнеме со средување на наследените катастрофални состојби.

Ова денеска го истакна градоначалникот на Охрид Константин Георгиески во врска со објавениот и потврден Извештај на Светската организација за заштита на природни и културни богатства во кој останува препораката Охридскиот Регион да биде ставен на Листата светски културни и природни наследства во опасност.

– Независно од тоа каква ќе биде одлуката на Комитетот на светско природно и културно наследство на УНЕСКО и исходот од следната сесија во однос на статусот на заштитено подрачје кој го поседува Охридскиот Регион, продолжуваме неуморно да работиме за интересите на Охрид како културен и туристички центар и да го зачуваме непроценливото богатство за идните генерации, рече Георгиески.

Според него, конечниот извештај УНЕСКО треба да го објави на 4 јуни, а Извештајот што имавме можност да го видиме е нацрт-верзијата и се однесува на периодот додека беше присутна Реактивната мисија што беше до јануари 2020. Тој не очекува некои големи разлики и во финалниот извештај, а дали регионот ќе биде ставен на Листата во опасност натаму ќе зависи од Комитетот на оваа организација на Обединетите нации.

– За разлика од 2019 година, кога УНЕСКО го објави Извештајот, објави и нацрт-одлуката за ставање на регионот на листата загрозени наследства, сега таква нацрт-одлука немаме. Оттогаш имаме постигнато значителен напредок што ќе го дискутираме на сесијата на УНЕСКО. Тоа може да го толкуваме како мал позитивен сигнал, но да не прејудицираме, ќе видиме за скоро време, рече Георгиески.

УНЕСКО вчера го објави Извештајот по однос реактивната Мониторинг-мисија, кој е во целост идентичен на нацрт-верзијата што на почетокот на годинава беше доставен до институциите.

Обемниот Извештај на УНЕСКО на 125 страници ја отсликува ситуацијата на терен, со сите недоследности, пропусти, промашувања, отстапувања, грешки, неостварени ветувања за подобрување. Извештајот и во финалната верзија е критички, реален, но пред се неповолен оттаму што дава препорака Охридскиот Регион да биде поместен на Листата загрозени светски природни и културни богатства.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот