Геополитички ноќен кошмар во најава

Срѓан Ивановиќ / Фото: Слободен печат

Претседателката на Европската комисија(ЕК), Урсула фон дер Лајен, завчера посочи дека е потребна политичка волја за формирање воени единици на Европската Унија (ЕУ), како одговор на кризите со кои би можеле да бидат соочени земјите членки на Унијата во иднина.

Во нејзиното годишно обраќање до Европскиот парламент, претседателката истакна дека повлекувањето на војниците од Авганистан како резултат на едностраната одлука на претседателот на САД, предизвикува голема загриженост и отвора голем број прашања.

– Се дебатира за тоа какви единици ѝ се потребни на ЕУ, каква да биде нивната намена и какво ниво на опременост ни е потребно за нивното функционирање. Тоа е дел од дебатата – изјави Фон дер Лајен, која во ЕК дојде од функцијата министер за одбрана на Германија.

Но проблемите со долго најавуваната армија на ЕУ се прилично големи за да бидат решени со дебата, а формирањето европски воени единици, според познавачите ќе значи и нови поделби во Унијата.

Според анализата објавена во весникот „Гардијан“, „формирањето европски воени сили несомнено би довело до минимизирање на улогата на НАТО, што не би им се допаднало на дел од земјите членки, особено на оние од Источна Европа“. Во истата анализа се посочува и дека шест земји членки на ЕУ не се дел од НАТО (Австрија, Кипар, Финска, Ирска, Малта и Шведска), па прашање е каков би бил нивниот став кон формирање заедничка европска војска.

Проблемот што ЕУ го има во моментов, доколку се погледне од македонска гледна точка, тогаш тој станува огромен и несогледлив. Зошто? Затоа што Македонија не е членка на ЕУ, а во НАТО влезе со сменето име! Евентуалната ерозија или поделба на НАТО, земјава ја става во крајно неповолна позиција во погледот на нејзината стабилност и безбедност, а бидејќи евроинтеграцискиот процес е забавен безмалку до точката на потполно запирање, тогаш и учеството во евентуалните европски сили е невозможно.

Фон дер Лајен до крајот на овој месец ќе допатува во посета на Скопје, во рамките на нејзината турнеја низ Западен Балкан, па можеби тоа е добра можност да биде прашана од нашите водачи за плановите што таа и нејзините соработници ги подготвуваат во врска со воените сили на ЕУ, кои според едни ќе бидат сочинети од лекари, медицински сестри и инженери, а според други извори ќе станува збор за респектабилни воени единици способни за акции на сите меридијани од Земјината топка.

Не е лошо претседателската на ЕК да биде прашана и за официјален став околу специфичната положба во која се наоѓа Македонија, која се чини како „кршлива“ секогаш кога на сцена се споменуваат одредени геополитички промени. Како тоа земјата што го смени името за да влезе во НАТО, на која ѝ се бара да се откаже од историјата, од своите национални херои за членство во ЕУ, би можела да се надева на безбедност во иднина, доколку европската армија навистина ја еродира улогата на НАТО и создаде почва за нови судири и конфликти во нашиот регион?

Живееме во време кога нон-пејпери за сѐ и сешто се објавуваат како на филмска лента, предизвикувајќи хаос во реакциите, мислењата и во односите на државите на Балканот. Нашиот регион е таков што може да се запали и од еден непотпишан лист хартија, а да не зборуваме какви реперкусии по безбедноста би имало некакво ново сојузничко прегрупирање на европските земји. Секако дека челниците на ЕУ нема да се занимаваат со нас додека дебатираат за својата иднина, но веднаш треба да им биде речено дека доколку тие се преиграат на преговорите во Брисел, да знаат дека првата акција на нивните новоформирани сили би можела да биде токму во Македонија или во поблиското опкружување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот