Геодетската комора бара од директорот на АКН да го исполни ветувањето за состанок

Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Борис Тунџев во континуитет ја игнорира Комората на геодетски друштва, иако за многу горливи прашања потребно е веднаш да се изнајдат решенија, а минатиот месец јавно пред медиумите даде ветување дека средбата ќе се одржи кога ние ќе доставиме барање, реагира претседателот на Комората, Никола Рибароски.

Вели дека за да се унапреди геодетската дејност и статусот на геодетските друштва неопходно е да се воспостави соработка со Агенцијата за катастар на недвижности (АКН) и заеднички да креираат решенија за многу отворени прашања од областа на геодезијата кои ги доведуваат на раб на опстанок деловните субјекти од овој сектор.

Од Комората велат дека последното барање за средба е испратено на 28.12.2022 и сè уште не е добиен одговор.

Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Борис Тунџев во континуитет ја игнорира Комората, Барањето се достави на 28.12.2022 година, но повторно молк. Дијалогот е неопходен бидејќи отворените прашања поврзани со зголемување на цената на услугите на Агенцијата за катастар, застарениот тарифник на геодетските друштва, нетранспарентниот начин на кој се носат нови законски решенија за геодетската дејност се само дел од темите за кои треба отворено и стручно да се дискутира врз база на факти и податоци за да се најдат одржливи и конструктивни решенија кои ќе бидат поволни за сите засегнати страни, истакнува Рибароски.

Ја поздравува одлуката за продолжување на процесот за донесување на нов тарифник за висината на надоместокот за извршени геодетски работи од страна на геодетските друштва за геодетски работи, со тоа што Агенцијата за катастар номинира свои претставници во работна група која го подготвува новиот предлог-тарифник, но, вели дека потребно е овој процес да добие динамика и да се дефинира рок за завршување на активноста.

Додава дека решението на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) според кое се утврдува ризик од корупција околу составот на Управниот одбор на Комората, доаѓаат од редот на вработените во Агенцијата.

ДКСК по извршена анализа констатира дека Комората на геодетски друштва е формирана заради застапување и усогласување на заедничките интереси на нејзините членови, геодетски друштва и трговците поединци, овластени геодети, поради што и со Комората управуваат нејзините членови преку свои претставници, од што јасно и недвосмислено произлегува дека во нејзините органи меѓу кои и Управниот одбор треба да бидат членови на Комората, а не претставници на Агенцијата за катастар на недвижности, велат од Комората.

Рибарски истакнува дека тоа што Агенцијата наместо да ги застапува членовите на Комората, тие ги застапуваат интересите на Агенцијата со што директно се загрозува независност и самостојност на Комората предвидена со Законот за катастар на недвижности.

Тоа што ДКСК го констатира во Решението како проблем всушност веќе е присутен во работата на Управниот одбор на Комората, бидејќи претставниците на Агенцијата наместо да ги застапуваат интересите на членовите на Комората, тие ги застапуваат интересите на Агенцијата со што директно се загрозува независност и самостојност на Комората предвидена со Законот за катастар на недвижности. По донесување на Решението овие членови веќе не присуствуваат на седниците на Управниот одбор, со што тој не може да работи во полн состав. Во дијалог со Агенцијата за катастар на недвижности и Министерството за правда што поскоро треба да се најде правно решение за постапување по решението на ДКСК и изнаоѓање решение со кое сите органи на Комората ќе може да работат со целосен капацитет, посочува Рибароски.

Од Комората на геодетски друштва порачаа дека ќе продолжат да бидат конструктивен партнер на институциите, а прават напори да обезбедат и целосна експертска поддршка за креирање на нови законски решенија од Советот на геодети на Европа, преку давање на мислење за истите и пренесување на најдобрите законски практики од други европски земји.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот