Генерален штрајк и протести на Лезбос, Самос и Хиос поради ситуацијата со мигрантите

Фото: EPA/ORESTIS PANAGIOTOU

Штрајкот е со поддршка на периферијата од северниот дел на Егејското Море, како и од градоначалниците, а според најавите, затворени ќе бидат јавните служби, продавниците, рестораните, таверните и кафулињата.

Под слоганот „Ги сакаме назад нашите острови, го сакаме назад нашиот живот“, денеска, жителите Лезбос, Хиос и Самос, организираат генерален штрајк и протести на централните плоштади на трите грчки острови поради ситуацијата со бегалците и мигрантите, јави дописничката на МИА од Атина.

Според локалните медиуми, граѓаните бараат да се намали бројот на бегалци и мигранти на островите, да има еднаква поделба на товарот во сите делови од земјата, а барателите на азил да бидат сместени во центри со хумани услови.

Штрајкот е со поддршка на периферијата од северниот дел на Егејското Море, како и од градоначалниците, а според најавите, затворени ќе бидат јавните служби, продавниците, рестораните, таверните и кафулињата.

Утре, префектот и градоначалниците на островите ќе пристигнат во Атина за до надлежните министерства да достават резолуција од локалното население.

Според официјалните податоци од грчката влада, заклучно со 20 јануари 2020 на Лезбос има 21 378 бегалци и мигранти, од кои 19 225 се во прифатниот центар Мориа што е со капацитет од 2840 места. На Самос има 7517 лица, а на Хиос 6003 бегалци и мигранти.

Заменикот министер под премиерот и портпарол на грчката влада Стелиос Пецас, на вчерашниот редовен брифинг со новинарите, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина, за генерален штрајк рече дека станува збор за сериозен општествен проблем, но дека тие продолжуваат да се обидуваат да го убедат локалното население дека владиниот план носи плодови.

Ги повтори четири главни оски: чување на границите, забрзување на постапката за азил, зголемување на бројот на враќања во Турција и изградба на затворени центри, а истовремено и празнење на островите и интернационализација на проблемот.

Паралелно се задржа на враќањата мигранти во Турција, односно на оние кои немаат право на азил во Грција, споменувајќи дека минатата седмица започна процесот.

-Кога министерството доаѓа до заклучок дека некои луѓе немаат право на азил, тогаш постапката ја поведува грчката полиција во договор со турскиот претставник и преку Фронтекс, тие се враќаат во Турција, согласно Заедничката декларација ЕУ- Турција. Ова ќе продолжи и во наредните денови и ќе се интензивира со поголем ритам, рече Пецас

Тој додаде дека владата, исто така сака да ги убеди жителите на засегнатите острови дека навистина ќе ги затвори постоечките отворени прифатни центри.

-Веруваме дека на крај сите ќе сфатат дека во интерес на Грција, а особено на самите жители од североисточниот дел на Егејското море, за кои и ме прашавте, и во интерес на сите е дека планот ќе оди напред, рече Пецас.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот