Генерал Апират Конгсомпонг: Војникот кој уби 29 лица во трговскиот центар не бил чесно третиран од неговиот офицер

Тој најави дека ќе се продолжи со истрагата за да се утврди кој се бил вмешан во ова сега веќе кобно прашање.

Командантот на тајландската војска, генералот Апират Конгсомпонг, денеска изјави дека војникот, Џакрапант Тома, кој пред три дена уби 29 лица во еден трговски центар, не бил чесно третиран во аранжманот околу купување земјиште во кое учествувал и неговиот надреден офицер и додаде дека таквите аранжмани во иднина мора да бидат спречени.

Наредникот Тома во саботата го уби својот надреден старешина и мајката на неговата сопруга, украде оружје и воено возило и потоа се упати во популарниот трговски центар во североисточниот град, каде со часови држеше заложници и убиваше недолжни луѓе, пред да биде и самиот убиен од припадници на специјалните сили.

Генералот Конгсомпонг на прес конференција во седиштето на армијата во Бангкок изјави дека таквите аранжмани мораат да бидат прекинати.

– Според убиецот, со него не биле фер ниту негов роднина, ниту надредениот офицер, кои, исто така, биле вклучени во работата околу купувањето земјиште, која тргнала на лошо, рече генералот.

Тој најави дека ќе се продолжи со истрагата за да се утврди кој се бил вмешан во ова сега веќе кобно прашање.

Џакрапант својот бес во саботата прво го изразил во воената база во која работел, убивајќи го прво полковникот Анатагора Красе, а потоа и 63-годишната мајка на сопругата на својот претпоставен, која била трговец со недвижнини.

Напаѓачот потоа украл тешко оружје од воениот камп и неконтролирано почнал да пука од украденото воено возило на патот до Трговскиот центар „Терминал 21 Корат” во градот Након Ратасуместа. Во текот на ноќта се затворил во трговскиот центар, а по неколку часа бил убиен од специјалните сили.

Апират ги отфрли критиките дека војската недоволно добро го чува своето оружје, опишувајќи ја кражбата на оружјето како злосторнички чин на поединец. Самиот призна дека постојат одредени недостатоци во некои воени процедури, но кажа дека напаѓачот го искористил својот воен чин за да ги збуни стражарите и да добие пристап до оружјето.

Апират, исто така, кажа дека безбедноста на складиштата со оружје е стандардна, но дека дополнително ќе биде разгледана.

Стручњаците за воени прашања упатуваат на тоа дека има системски проблеми со безбедноста на оружјето и на полицијата.

Тајландскиот премиер Прајут Чан-оџа од членовите на својот кабинет и државните службеници побара да се облечат во црно, како израз на сочувство до жртвите на напаѓачот. Тој кажа дека кралот Маха Ваџиралонкорн се понудил да ги сноси трошоците за погребот и кремирањето на сите загинати.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот