Гедбан: Со помош на фановите можеме до титулата

Калифа Гедбан со своите 11 одбрани беше клучна фигура во мечот на Вардар со Кјелце (Лига на шампионите) минатиот викенд. Алжирскиот голман направи неколку клучни одбрани без кои лесно можеше да се случи Вардар да остане без бодови во мечот во Скопје во кој домаќинот изигра реми со Полјаците (28-28). Според соиграчот на Гедбан, Иван Чупиќ, Вардар на Калифа може да му заблагодари за бодот во Скопје.

Алжирецот во Вардар дојде минатата сезона, ја освои титулата европски првак, а сезонава од него се очекува да игра позначајна улога меѓу стативите. Според она што го покажа на мечот со Кјелце во Скопје, тој влегува во посакуваната форма. Кјелце е следниот противник на Вардар претстојниот викенд. Овојпат се игра во Полска и Гедбан ќе треба да биде на нивото од Скопје за добар резултат на гостите.

Калифа смета дека тековнава сезона потсетува на минатата и дека Вардар има реални шанси за титулата во ЛШ, ако се поклопат коцките.

– Резултатите сезонава не ни се разликуваат од оние минатата сезона. Најважно според мене е да продолжиме да се бориме, да притискаме, како тим и како фанови. Многу полесно ни е со фановите на наша страна. Нам ни треба целата поддршка што можеме да ја добиеме од нив, за да го достигнеме истото ниво како минатата сезона – вели голманот на Вардар, кој не е до крај задоволен со она што го покажана последниот меч од ЛШ, иако беше најдобар играч на мечот.

– Никогаш не сум задоволен со себе. Ако постигнам 10 одбрани, посакувам да направам 15. Ако направам 15 одбрани, посакувам 20… Секогаш сметам дека можам подобро и се обидувам да ги достигнам крајните граници за да му помогнам на клубот и на колегите од тимот – вели Алжирецот кој се надева дека и сезонава ќе се радува на европска титула.

– Сè е возможно. Минатата сезона не бевме фаворити, имавме изгубени натпревари во групната фаза. Дури и кога стигнавме до фајнал-фор никој не очекуваше да ја освоиме титулата. Тоа е убавината на овој спорт. Најважно е да дадете сè од себе на теренот, да се борите до крај. Да се надеваме дека историјата ќе се повтори сезонава – вели Калиф. Според него тимскиот дух е дури посилен кај црвено-црните.

– Тимскиот дух во Вардар сезонава е посилен од минатата сезона. Играчите не се обѕираат на политиката или на гласините за Вардар. Сите заедно работиме вредно и фокусирани сме на една цел, да дотуркаме што е можно подалеку во СЕХА и во Лигата на шампионите – завршува чуварот на мрежата на Вардар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот