Гечевски: Младите ќе бидат во фокусот

фото: Фејсбук

Перо Антиќ, најголемата поддршка во кампањата ќе ја има од неговиот репрезентативен колега, Тодор Гечевски. За очекување е, Антиќ доколку стане нов челник на репрезентацијата, тогаш Гечевски сигурно би имал една од најбитните функции.

– Знаеме каде беше репрезентацијата која од редовно учество на ЕП дојде на ниво да игра квалификации за квалификации за квалификации за некое првенство. Сакаме да обезбедиме најдобри услови за репрезентативците, подготовките да бидат во европски центри, со реномирани тренери како од државата така и од странство. Потребни ни се и кондициски тренери и медицински тим за сè заедно да се вклопи во еден успешен проект. Мора да се обезбеди квалитетна опрема и за подготовките и за натпреварите, како мотив плус за играчите да бидат горди да го носат националниот дрес – вели Гечевски.

За репрезентатицијата да биде редовен учесник на европските првенства, потребни се квалитетни младински репрезентации. Голем дел од работата на МКФ на чело со Антиќ и Гечевски би бил посветен токму на младите.

– За да имаме сениорска репрезентација на едно такво ниво, мораме да имаме и младински категории. Без нив не можеме да имаме ниту клубови ниту репрезентација. Затоа сакаме да дадеме еден голем акцент на младинските школи кои создаваат репрезентативци и клупски играчи. Најважно е секоја селекција да биде пријавена и во текот на летото да има соодветен третман, да учествува на шампионати, но и да има сериозни тренери кои максимално би се занимавале со репрезентацијата во текот на целата сезона – вели Гечевски кој најавува дека МКФ со Антиќ ќе обезбедат објект за подготовки и тренирање за младите кошаркари.

– Во завршна фаза се преговорите за обезбедување на објект кој би бил за користење на МКФ и би го намениле во полза за младинските категории, со услови за сала за кревање на товар, за физикална терапија… за сите оние кои сакаат да работат и да напредуваат да имаат можност за такво нешто. Новите трендови укажуваат и на специјална исхрана и психологија, кои ќе бидат дел од нашата програма – потенцира Гечевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот