Газдата ни рече да не одиме на работа, а потоа ни подели откази затоа што не сме доаѓале!

Фото. Архива

Дури не го добивме ни износот што државата го префрли лани за март, април и мај за плати на вработените од 14.500 денари по работник, туку ни префрлија по 11.500 денари.

Вработените во штипска „Баргала“, која е најголемиот производител за кожарски производи, живеат вистинска голгота уште од почетокот па пандемијата, а покрај неисплатените плати, иако државата ги субвенционираше, сега повеќе од 100 работници добија и отказни решенија. Отказните решенија вработените ги добија со објаснување оти не доаѓале на работа, но работниците велат оти фирмата од 27 март воопшто не работи, бидејќи ставот на сопственикот бил јасен – „нема работа, нема плата, седете си дома, кога ќе има потреба ќе ве повикаме“.

Вработен во „Баргала“ со повеќе од 20 години работен стаж во оваа фирма за „Слободен печат“ раскажува низ што минуваат работниците таму, а иако вели оти веќе нема што да загуби, сепак побара да остане анонимен.

– Минатата година државата започна да дава помош поради корона-кризата за месеците март, април и мај, во тој период ние одевме на работа, но не ги добивме целосно парите што на сопственикот му беа доделени од државата. Ни поделија по 11.000, што е помалку од 14.500 денари, колку што беа предвидени за помош на фирмите.  По реакциите на вработените, а во договор со текстилниот синдикат и со „Гласен текстилец“, сопственикот се согласи парите да ни ги пушта етапно, почнувајќи од август 2020 година, па сѐ до мај 2021, но тоа не се случи – ја започнува својата приказна овој работник во „Баргала“.

– Ние и покрај тоа се надевавме дека ќе ги добиеме парите, си велевме, ајде, барем одиме на работа, ќе имаме за корка леб. Почнавме да работиме само за домашен пазар, опаѓаше работата за странските фирми… Потоа, на 27 март годинава ни соопштија дека ќе мораме да останеме дома, бидејќи нема работа. Од тој ден не сме земале ни денар – раскажува тој.

Веќе три месеци „Баргала“ воопшто не работи, нема повик од сопствениците за евентуално враќање на работа, па поради тоа кон почетокот на јуни, поголем дел од работниците се собраа пред компанијата за да бараат одговори, а наместо тоа по неколку недели добија откази.

– На 4 јуни се собравме пред фирмата, каде што го добивме истиот одговор – нема работа, нема пари, за на 16 јуни повторно да се собереме со шатори. Тогаш дојде и претставник од текстилниот синдикат, кој по краток разговор со сопствениците ни рече да одиме и да се потпишеме. Потоа, на 22 јуни, повеќе од 100 вработени добивме отказни решенија со објаснување дека во периодот од 27 март до 22 јуни не сме доаѓале на работа, иако ни беше кажано да не доаѓаме – објаснува револтираниот работник.

Работниците од „Баргала“ велат дека најпрво ќе поднесат приговор до директорот, а следниот чекор им е да се појават на суд. Според информациите што ги добиле од „Гласен текстилец“, доколку ја добијат тужбата, тие би можеле да добијат од 70 до 80 отсто од вкупната плата за месеците во кои не работеле.

Судбината на помалиот дел вработени што не добиле откази и натаму е во неизвесност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот