Гасот поскапел за над 53 отсто за една година, течните горива за 44 отсто

Точење гориво/ Фото МИА

Нови загрижувачки бројки за инфлацијата објави Државниот завод за статистика – индексот на трошоците на животот во мај годинава, во однос на мај 2021 година, бележи зголемување од 11,9 отсто, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 12,1 отсто.

За период од еден месец, индексот на трошоците на живот во мај годинава во однос на април е зголемен за два отсто, додека индексот на цените на мало пораснал за 1,5 отсто.

Статистичките податоци покажуваат загрижувачки раст од 17,1 отсто на цените на храната и безалкохолните пијалоци за период од една година. Па така, маслото и мастите за јадење од мај 2021 до мај 2022 година пораснале за 37,9 отсто. Лебот и житата се продаваат по повисоки цени од 21,5 отсто, зеленчукот поскапел за 18,5 отсто, додека млекото, сирењето и јајцата се поскапени за 16 отсто. Највисоко зголемување има токму кај основните прехранбени производи, кои им се неопходни на граѓаните.

Во извештајот на ДЗС се наведува дека природниот гас за една година поскапел за 53,6 отсто, додека цените на течните горива се зголемиле за 44,3 отсто. Огромно зголемување во мај 2022 година, во споредба со мај 2021 година, има и кај транспортот, од дури 24,1 отсто.

Она што загрижува во статистичкиот извештај е дека цените забрзано растат од месец во месец. Единствено намалување на индексите на трошоците на животот во мај 2022 година, во споредба со април 2021 година, е забележано кај воздухопловниот патнички транспорт за 10,5 отсто, градините, растенијата и цвеќињата за 2,4 отсто и електричните апарати за лична хигиена за 1,2 отсто.

За период од само еден месец, во мај годинава во однос на април, пораст на индексите на трошоците е забележан кај маслото и маснотиите за 6,7 отсто, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 6,2 отсто, млекото за 5,4 отсто, додека лебот и житата за 3,7 отсто.

Во мај, исто така, пораст на индексите на трошоците на животот во споредба со април е забележан и кај другите медицински производи за 19 отсто, услугите за сместување за 7,5 отсто, додека кај горивата и мазивата за сопствените превозни средства за 7,4 отсто.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот