
Гасниот интерконектор и енергетскиот пазар клучни теми на средбата помеѓу Божиновска и грчката амбасадорка
Продлабочување на билатералната соработка во енергетскиот сектор, со посебен акцент на проектите од регионално значење, биле во фокус на денешната средба помеѓу министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска и грчката амбасадорка Софија Филипиду.
Препорачано
– Двете соговорнички ја истакнаа важноста на изградбата на гасниот интерконектор со Грција, кој ќе придонесе за енергетска стабилност и диверзификација на изворите на енергија во регионот. Министерката Божиновска нагласи дека овој проект е од стратешко значење за земјата и ќе овозможи поефикасно снабдување со природен гас. Дополнително, беше разговарано за иницијативите за пазарно поврзување со Грција, со цел интеграција на македонскиот електроенергетски пазар во единствениот европски пазар. Министерката информираше дека Националниот оператор на пазар на електрична енергија (МЕМО) го воведе еврото како трговска валута во првиот квартал на 2025 година, што е клучен чекор кон оваа интеграција – се вели во соопштението од Министерството.
Амбасадорката Филипиду ја потенцирала потребата од зајакнување на соработката меѓу берзите на двете земји, што, според нејзе, ќе донесе значителни придобивки за економиите на двете земји и за целиот регион.
На крајот од средбата, двете страни изразиле подготвеност за понатамошно интензивирање на соработката во енергетскиот сектор.