Гаши заработи преставка со првото обраќање како претседател на Собранието
Пратеничката и министерка за култура во заминување Бисера Костадиновска-Стојчевска за „Слободен печат“ изјави дека веќе поднела претставка до Секторот за инспекција при Министерството за култура, но очекувала и од претседателката Сиљановска-Давкова да реагира и најостро да го осуди чинот на недавање свечена заклетва на првиот официјален јазик во државата.
Новиот претседател на Собранието Африм Гаши заклетвата прво требаше да ја прочита на македонски, а потоа и на албански јазик, децидни се експертите по уставно право зашто според Уставот, македонскиот е прв официјален јазик во државата, но и како гест на почит кон мнозинскиот народ.
Бурни реакции и негодувања во јавноста следеа откако Гаши по изборот за собраниски спикер, свечената заклетва дека ќе го почитува Уставот ја кажа на албански јазик, а потоа искажаното на македонски јазик наликуваше на превод.
Пратеничката и министерка за култура во заминување Бисера Костадиновска-Стојчевска за „Слободен печат“ вели дека веќе поднела претставка до Секторот за инспекција при Министерството за култура.
– Законот за употребата на македонскиот јазик е резултат на нашите заложби и политики за афирмација и правилна употреба на македонскиот јазик. Не може и не смее да се премолчи скандалозно дадената свечена заклетва, од, сега првиот човек на македонското Собрание. Затоа веќе поднесов претставка до Секторот за инспекција при Министерство за култура и понатаму ќе ги користам сите механизми кои се во моментов на располагање за заштита и начинот на употреба на македонскиот јазик. Очекував дека и сегашната претседателка на државата Сиљановска-Давкова со која тогаш во улога на пратеник заедно го доусовршувавме текстот на Законот за употреба на македонскиот јазик ќе реагира на ваквото однесување и дека најостро ќе го осуди чинот на недавање свечена заклетва на првиот официјален јазик во државата – вели Костадиновска-Стојчевска.
„Слободен печат“ не доби одговор од спикерот Гаши зошто го прекрши Уставот и законот и заклетвата ја прочита прво на албански јазик. Молчат и од Собранието на прашањето на кој јазик беше напишана Заклетвата, дали беше двојазична и дали институцијата ќе преземе некакви чекори бидејќи новиот претседател заклетвата прво ја кажа на албански, а потоа на македонски јазик.
На конститутивната седница на Собранието, веднаш кога Гаши почна да ја повторува заклетвата која претседавачот со седницата Мерита Колчи-Коџаџику ја читаше на албански јазик, од пратеничките клупи реагираа само неколку пратеници од СДСМ, меѓу кои и експремиерот, а сега пратеник Димитар Ковачевски дека новиот претседател го крши Уставот и Законот за јазиците. „Албанската“ заклетва ја одмолчаа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои заедно со „Вреди“ и со ЗНАМ го предложија Гаши за претседател на парламентот. Од ВМРО-ДПМНЕ изостана каква било реакција и ден по заклетвата.
Костадиновска Стојчевска реагираше и на Фејсбук и порача дека новиот претседател го прекршил духот на мултиетничноста на државата, но и духот на Уставот и на Законот за употреба на македонскиот јазик.
– Истото го стори и претседавачката на конститутивна седница на Собранието, пратеничката Мерита Колчи-Коџаџику. ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ од теснокоалициски и теснопартиски причини немаа ни капацитет, ни причина, ни порив да помислат спротивно на ваквиот антимакедонски чин. Зошто е скандалозно свечената заклетва да се дава прво на албански, а потоа на македонски јазик? Затоа што македонскиот јазик е првиот официјален јазик на Северна Македонија, а потоа следат другите, не помалку важни јазици, но утврдени со Устав согласно процентуалната застапеност на граѓаните кои го зборуваат. Јазикот не е и не може да биде личен или етнички механизам за политичко поентирање. Јазикот е средство за службена и друг тип комуникација. Претседател на Собрание може да биде и етнички Албанец, и етнички Македонец и кој било друг пратеник за кој владејачките партии ќе се договорат, но прв официјален јазик во Северна Македонија е македонскиот јазик – децидна е Костадиновска-Стојчевска.
Таа потенцира дека единствен официјален јазик за меѓународна употреба е македонскиот јазик и оти е сигурна дека конститутивната седница имала и силен меѓународен одек.
Неофицијалните коментари од Собранието се дека дошло до забуна, дека пратеничката Колчи-Коџаџику е „неискусна“ како претседавач со седница и дека затоа заклетвата на Гаши му ја читала на албански јазик. Но и да е така дилема е зошто претседавачката ако заклетвата прво била напишана на македонски, а потоа и на албански јазик предност дала на албанскиот јазик.
Вреди да се спомене и дека првпат во Собранието имаше ситуација претседавач со конститутивна седница да е Албанец, но и новиот претседател на Собранието да е Албанец, што пак, имплицира дека можеби Колчи-Коџаџику во договор со Гаши првенство дале на албанскиот јазик. Од снимка од конститутивната седница за изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието се слуша дека тој заклетвата ја дава само на македонски јазик зашто тогашниот претседавач Горан Мисовски текстот на заклетвата ја чита само на македонски јазик.
Професорката по уставно право Тања Каракамишева-Јовановска е децидна дека согласно Уставот, македонскиот јазик е службен јазик во државата. Во органите на државната власт друг јазик што е различен од македонскиот јазик може да се користи во согласност со закон. Таа наведува дека дури и во контроверзниот Закон за употреба на јазиците, во член 3 пишува дека избрани или именувани функционери на државните институции, како и други институции чие седиште е во Скопје или општините во кои најмалку 20 отсто од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот јазик, во нивната службена комуникација го употребуваат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, како и јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните и неговото писмо, доколку најмалку еден од избраните или именуваните функционери зборува службен јазик различен од македонскиот јазик.
– Значи и Уставот и Законот го утврдуваат приоритетот на македонскиот јазик и неговата употреба при службената комуникација од страна на функционерите во земјата, а дури потоа може да се употребува и друг јазик различен од македонскиот. Оттука, сите функционери мора да се придржуваат до словото на Уставот и на законите и истите да не ги интерпретираат согласно нивната лична волја. Новоизбраниот претседател на Собранието мораше свечената изјава прво да ја прочита на македонски јазик, а потоа и на друг јазик различен од македонскиот, а не обратно како што тоа вчера беше направено – вели Каракамишева-Јовановска.
И поранешната судијка во Судот за човекови права во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска вели дека не е спорна употребата на албанскиот јазик, туку дека прашањето е во насока кој јазик прв треба да се употребува.
– Прашањето е за почитта кон јазикот кој е прв официјален, а тоа е македонскиот јазик. Во секој случај целата ситуација создава непријатно чувство од страна на Македонците во една насока, од страна на Албанците во друга насока. Од почит кон институцијата, почит кон мнозинскиот дел, поупатно ќе беше новиот претседател заклетвата прво да ја дадеше на македонски, а потоа на албански јазик – смета Цаца-Николовска.
Таа додава дека станува збор за протокол според кој треба да се постапува.
– Точно е дека македонскиот јазик е прв наведен во Уставот како официјален, но и албанскиот е наведен. Ова прашање не би требало да претставува услов за некој раздор од една страна кој би ја подигнал тензијата, зашто веќе имаме доволно тензии во државата – вели поранешната судијка.