
Гаши вели дека новинарските написи за предлог-советот на АВМУ не биле издржани, а процедурата е максимално испочитувана
„Ние имаме мнозинство, но во Собранието ретко се присутни над 80 пратеници, особено од мнозинството и сите пратеници од заедниците кои треба да гласаат за тоа, бидејќи за тоа треба т.н. „голем бадентер“, одговори претседателот на Собранието, Африм Гаши, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, на прашањето зошто седницата беше прекината токму кога точката за предлог-составот на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги стигна на дневен ред.
Препорачано
И покрај реакциите на Здружението на новинарите на Македонија, Делегацијата на Европската Унија и Амбасадата на СР Германија, Гаши вели дека е убеден оти процедурата е испочитувана максимално. Тој додаде и дека разговарал со овие „меѓународни организации, фактори и амбасади“ за, како што кажа, наводи и новинарски написи кои секогаш не се целосно издржани.
За Нафије Селмани, една од седумте предложени кандидати и поранешна сопартијка на Гаши, претседателот на парламентот вели дека „еден човек не треба да биде етикетиран доколку во одреден период од животот бил дел од политичка партија“.
„Ако ја видите Нафије Селмани како последните години нè критикува и мене лично и мојата партија, таа не е човек за кој може да заклучите брзо, дури јас ви тврдам дека не е тоа партиско решение…“, рече Гаши, а на забелешката дека во АВМУ треба да има луѓе кои имале искуство со електронски медиму, тој наведе дека Селмани „работи долго време во делот за односи со јавност во Град Скопје“, нешто што според него не може да се минимизира.
Тој вели дека е добро што по долго време ќе има нов состав на Советот и оти Собранието, Владата и сите политички чинители треба да вршат постојан надзор и притисок врз тоа тело во иднина.
„Јас не сакам да глумам адвокат никому, само мислам дека од аспект на Собранието, процедурата е испочитувана. Пребрзо расудуваме, да не прејудицираме, туку да дадеме шанса. Добро е да ги следиме и ако Советот не ги исполнува своите цели, треба да ги отповикаме“, рече Гаши.