Гаши се прави наудрен, нов удар за бранителите

Африм Гаши претседател на Собрание Фото: Фејсбук Гаши

Ниту ВМРО-ДПМНЕ, која има мнозинство, не ја истурка работата, ниту СДСМ се појави на седницата на Комисијата за да реагира на самоволието на претседателката Илире Даути, која реши да не се расправа за законот за бранителите

Законот за бранителите наместо на седница, дефинитивно ќе остане во фиоката на претседателот на Собранието Африм Гаши, откако претседателката на собраниската Комисија за социјална политика Илире Даути ја свика седницата, но без точката за бранителите. Гаши и официјално потврди дека нема намера тој да ја свика Комисијата, а еден ден претходно и Даути во изјава за „Слободен печат“ рече дека додека таа е претседателка на работното тело, бранителите никогаш нема да дојдат на дневен ред освен ако исти права со нив не добијат и поранешните припадници на ОНА.

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, иако ја поддржаа потребата од законот, за потегот на Гаши и на Даути вчера меѓусебно си ја префрлаа топката зошто повторно пропадна обидот за унапредување на правата на бранителите.

Законот за бранителите блокиран во Собранието, сите ги бранеа „своите“, а ќе се „одбрани“ владината коалиција

– Претседателот на Собранието деловнички не може да свика седница на споменатата комисија, бидејќи беше веќе свикана и одржана денес во 11 часот од претседателката на комисијата – велат од Кабинетот на Гаши.

Гаши се повикува на членот 126, став 3 од Деловникот во кој се вели дека „ако претседателот на работното тело не свика седница кога е должен тоа да го стори или ако работното тело нема претседател, седницата ја свикува претседателот на Собранието и со седницата претседава членот на работното тело што ќе го определи претседателот на Собранието до завршување на седницата“.

Но, претседателот на Собранието не одговара зошто тој не ја закажува Комисијата, бидејќи претседателката Даути на седницата одби да го стави законското решение за бранителите. Спикерот не ни одговори ни дали Даути ќе понесе одговорност за кршење на Деловникот зашто одбила да постапи, иако тој ја задолжил.

Илире даути, претседателка на Комисијата за социјална политика, Фото: Фејсбук Даути

Гаши испратил допис до Даути да закаже седница на Комисија со точка на дневен ред за бранителите.

„На 14. седница на Собранието на Република Македонија, Собранието одлучи да расправа по Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили на Република Северна Македонија и на членовите на нивните семејства, по скратена постапка, поднесен од пратеникот Славјанка Петровска. Врз основа на член на 176 став 1 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, ве задолжувам да расправате по предлогот на Законот“, пишува во дописот од Гаши до Даути.

Овој случај е преседан што во иднина може да предизвика секој претседател на собраниска комисија по свое убедување да одлучува дали ќе се расправа за законски решенија или не во зависност дали му се допаѓаат. Од ова произлегува дека само претседателот на Собранието и претседателите на комисиите може да практикуваат филибастеринг, откако со новиот Деловник таа можност им ја ускратија на пратениците.

Откако ВМРО-ДПМНЕ искажа безрезервна поддршка за законот за бранителите, предложен од пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска, за судбината на законот вчера дадоа идентично објаснување како спикерот Гаши. На прашањето зошто Гаши не ја закаже Комисијата за да расправа за законот за бранителите како што ја закажа Комисијата за финансирање откако претседателката Сања Лукаревска од СДСМ одби, Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ вели дека има суштинска разлика.

Бојан Стојаноски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ / Фото: ,,Слободен печат” / Драган Митрески

– Претседателката на Комисијата за финансирање и буџет, во согласност со Деловникот, не ја испочитува одредбата во рок од 24 часа да ја закаже Комисијата. Претседателката на ресорната комисија, на која требаше да се најде законот за бранителите, пак, го направи тоа. Вчера беше закажана Комисијата за социјална политика, на која помина законот за покачувањето на пензиите. Исто како и на оваа Комисија, предлагачите Славјанка Петровска и пратениците од СДСМ не се појавија на состанокот за да побараат дополнување на дневниот ред. Зошто тоа го направија, прашањето треба да заврши на таа адреса. ВМРО-ДПМНЕ веќе кажа дека бранителите ја имаат и ќе ја имаат нашата поддршка. Оние политиканти што трипати не го поддржуваа законот треба да кажат зошто само растураат пердуви во јавноста, а кога треба да покажат директна грижа не се појавуваат на седници – рече Стојаноски.

Петровска, пак, повикувајќи се на поддршката од ВМРО-ДПМНЕ за законот за бранителите очекува Комисијата да биде свикана.

Славјанка Петровска/ Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

– Со оглед на тоа дека ВМРО-ДПМНЕ и лично премиерот Мицкоски изразија поддршка за овој закон, очекувам да го искористат својот авторитет како најголема владејачка партија и во согласност со Деловникот за работата на Собранието да овозможат да продолжи постапката – вели Петровска за „Слободен печат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот