Гаши-Рокас: Собранието е силно посветено на спроведување на реформите

Претседателот на Собранието Африм Гаши со евроамбасадорот Микалис Рокас/Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Претседателот на Собранието Африм Гаши денеска се сретна со новоименуваниот евроамбасадор, Микалис Рокас. Гаши, како што соопшти неговиот Кабинет, му посакал добредојде на евроамбасадорот Рокас, изразувајќи уверување за заеднички придонес во понатамошниот процес за полноправно членство на Република Северна Македонија во Европската Унија.

На средбата претседателот на Собранието Гаши и амбасадорот Рокас изразиле очекување институциите на ЕУ, по изборите за Европскиот парламент што се одржаа во јуни годинава, да ја задржат позитивната нота во однос на проширувањето со земјите од Западен Балкан.

-Соговорниците се осврнаа и на потребата од продолжување со реформите и исполнување на домашните задачи, со цел исполнување на критериумите за членство, посебно во клучните области, се наведува во соопштението.

Гаши истакнал дека Собранието е силно посветено на спроведување на реформите, особено во делот на усогласувањето со европското законодавство и јакнењето на надзорната улога. Тој изразил подготвеност и за зајакнување и внесување нова динамика во соработката и комуникацијата меѓу Собранието и Европскиот парламент, притоа нагласувајќи ја важноста на „Жан Моне“ процесот од кој досега произлегоа два битни документи за законодавната власт во земјава – Етичкиот кодекс и новиот Деловник.

На средбата биле разменети мислења и за потребата од јакнење на политичкиот дијалог во земјава, со оглед на заедничката цел за евроинтеграција, како стратешка определба на земјата.

Амбасадорот Рокас истакна дека неговата цел е да и помогне на земјава да направи видливи чекори во оваа фаза од процесот на интеграција во ЕУ, се посочува во соопштението.

Тој го истакнал и значењето на Планот за раст за Западен Балкан, нагласувајќи дека тоа е можност за јакнење на капацитетите за членство во ЕУ на земјите од регионот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот