Гаши порача: Предвремени избори не се потребни

Фото: МИА

Нормално е секоја опозиција да се труди што поскоро да има избори и тоа е легитимно. Ние мислиме дека предвремени избори не се потребни. Да мислевме спротивно, пред три месеци немаше да станеме дел од ова Влада, туку ќе одевме на избори, истакна претседателот на Алтернатива, Африм Гаши по одржувањето на првиот дел од Првиот конгрес на партијата во Скопје.

– Ние мислиме дека во ваква економска и здравствена криза, заради стабилноста на државата не треба да одиме на избори, но сепак тоа е право на Собранието и 61 пратеник можат да одлучат да се оди на избори. Но, ние сме против тоа, изјави Гаши.

Гаши потенцира дека Алтернатива и се приклучи на владината коалиција за да помогне околу добивањето датум за старт на преговорите за членство на земјата во ЕУ.

– Ако во некој момент цениме дека со нашето излегување би се помогнало, тоа би го направиле, но ние мислиме дека треба да има Влада која активно ќе работи на постигнување на договор со Бугарија и преговорите да започнат што побрзо, рече тој.

На новинарско прашање зошто на Конгресот не е присутен пратеникот на Алтернатива, Скендер Реџепи – Зејд, кој во неколку наврати истакна дека не е задоволен од работењето и исполнувањето на точките од политичкиот договор за влез на партијата во владината коалиција, Гаши рече дека кога станале дел од Владата никаде не посочиле дека ќе направат нешто за 100 дена.

– Кога влегувате на половина мандат не може да се обврзете на некои 100 дена, но ние одржавме една средба после стоте дена, бидејќи сакаме да им дадеме отчет на нашите гласачи, активисти и сите граѓани и тоа беше целта. Ние сакаме сите тие точки да се реализираат, но објективно кога има пречки имаме разбирање да почекаме најпогоден момент за да се стават на дневен ред. Работиме интензивно и сакаме да се реализира тоа, но од друга страна имаме разбирање. Колку ќе се реализира од тоа, ќе покаже иднината, рече Гаши

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот