Гаши: И можеме и не можеме да кажеме дека во декември ќе почне процесот на уставни измени
„И можеме и не можеме да кажеме. Ако нешто не зависи од нас, не можеме да тврдиме дека ќе го има или не. Кога ќе има, јас се надевам ќе бидам известен и веднаш ќе ја започнеме процедурата“, вели претседателот на Собранието Африм Гаши во интервју за МИА, одговарајќи на прашањето дали до крајот на декември ќе почне процесот на уставни измени во контекст на отворањето на преговорите со ЕУ.
-Ова прашање има две компоненти. Едната е процедуралната и втората е политичката волја. Што се однесува до првата, Собранието заедно со службите, со Комисијата е подготвено во секое време кога ќе има предлог за уставни промени да ги ставиме на дневен ред, да почне процедурата и да заврши како што е предвидено со Устав и со Деловник. Вториот дел што се однесува до политичката волја тоа е прашање за политичките актери повеќе, лидери на политички партии, на мнозинството или на две третини од пратениците кои треба да ги усвојат тие измени и за тоа не сум претпоставен да одговорам, изјави Гаши.
Една од најголемите забелешки која со години се повторува во Извештајот на ЕК е бројноста на закони што во Собранието се носат по скратена постапка. Претседателот на Собранието вели дека тие секојдневно им укажуваат на предлагачите на законите односно министрите и Владата дека законите треба да се носат во редовна постапка и за нив да има јавни расправи. Укажува на фактот дека Собранието не ја утврдува постапката како ќе се носи еден закон.
-Прво, сакам да објаснам до граѓаните повеќе дека Собранието не може да го утврди предлогот на закон и која постапка предлагачот ја предлага. Дали Владата, министри, пратеници тој што го предлага законот тој ја опишува и бара да се претресе или да се спроведе постапката по скратена или редовна постапка – значи, предлагачот го опишува тоа и го бара. Ние сме принудени и по Деловник да го почитуваме барањето на предлагачот. Но, што треба да бараме. Токму тоа што вие го рековте, значи ние се обидуваме и со пратениците и со Владата и со министрите да им укажеме дека не е добро да има скратени постапки заради мал милион икс причини. Една од причините е транспарентноста, правната сигурност, информираноста на граѓаните, а од друга страна тоа што ние сакаме како нов состав во Собранието и ново раководство навистина многу ми е битно да имаме повеќе јавни расправи. Тие би можеле да се случат само ако во Собранието имаме време да се разгледаат законите, да ја вклучиме јавноста, експертите, заинтересираните страни за да се дебатира по секој закон кој ќе се носи, вели Гаши.