Гаши ги исцрта црвените линии: На Алтернатива не ѝ биле битни фотелјите, туку концептите!?

Африм Гаши
Африм Гаши /Фото: Драган Митрески/ Слободен пеат

Намерата на Алтернатива е нејзината партиска програма да стане дел од владината, но и да ја реализираат и преку свои функционери – министри, заменици, директори…

Прифаќање на клучните програмски определби како и отстапување министерски, заменик-министерски и директорски места не само од СДСМ, туку и од ДУИ – тоа се црвените линии на Алтернатива, од кои лидерот Африм Гаши нема да отстапи во преговорите со премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев за влез на таа партија во Владата и за зголемување на владејачкото мнозинство, изјави за „Слободен печат“ висок функционер на Алтернатива.

Гаши на средбата со Заев очекува повратен одговор од дали владиниот партнер Али Ахмети е подготвен, како и СДСМ, да даде дел од „своите“ ресори.

Заев и Гаши ги продолжуваат разговорите за влез на опозициската партија во Владата, откако Централното претседателство на Алтернатива во петокот го овласти лидерот да ги почне преговорите со премиерот и со евентуалниот нов мандатар.

Гаши ќе стави на маса пред Заев амбициозен пакет за влез на Алтернатива на „Илинденска“ – четири министерски позиции, исто толку заменик-министерски и 40 директорски функции. Очекувањата, реално, се дека ќе се „најдат“ на половина пат – по две министерски и заменик-министерски места и околу 30 директорски позиции.

Партијата на Гаши типува на ресорите здравство, труд и социјала, земјоделство, образование и култура. Алтернатива ги посакува и директорските места во Тетовската болница и во „8 Септември“, но и во центарот за социјални работи во Липково. Според нашиот соговорник, за да има баланс, за да нема блокади и за да произведува Владата стабилност, неопходно е и ДУИ да отстапи. Намерата на Алтернатива е нивната програма да стане дел од владината и да ја реализираат и преку свои функционери.

Заев веќе изјави дека посакува Алтернатива да стане дел од власта поради стабилноста на владејачкото мнозинство. Од СДСМ се воздржани и, како што велат, за да не ги нарушат преговарачките позиции, не откриваат дали Заев и Ахмети веќе разговарале за функции за Алтернатива. Засега нема официјален став од ДУИ дали ќе отстапи дел од ресорите за влез на Алтернатива во Владата. Првиот вицепремиер Артан Груби викендов изјави дека се добредојдени сите пратеници што сакаат евроатлантска иднина на земјава, но не одговори дали ДУИ ќе отстапи функции.

Висок функционер од партијата на Ахмети вели дека треба да се оцени дали треба да има смена на некои од функционерите на ДУИ.

– Важни се евроинтеграцискиот пат и стабилното владејачко мнозинство. Кога намерата е добра, секогаш има решение – вели функционерот на ДУИ.

Дали ова значи дека ДУИ е подготвена на отстапки, се очекува да биде појасно по средбата помеѓу Заев и Ахмети која неофицијално е закажана за денеска.

Од Алтернатива повторуваат дека за неа приоритети се да нема отстапување од евроинтеграцискиот процес, повторни судења за неколку политички монтирани случаи, развој на Липковскиот Регион, пари и помош за трето дете…

И од СДСМ и од Алтернатива очекуваат неделава да има уште една до две средби помеѓу Заев и Гаши пред дефинитивната одлука дали Алтернатива ќе стане дел од власта.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот