Гарванлиева за УБ: Економскиот трошок од нереализираните капитални инвестиции знчи намалена конкурентност

Таа вели дека ова секако има свои реперкусии најмалку врз загуби во економскиот раст на РСМ, но и врз евентуално зголемување на конкурентноста на македонската економија поради неможноста да се подобри инфраструктурата за економските агенти, кои можат да се мерат како загуби од извоз.

– Нереализацијата на капиталните инвестиции не е нешто ново во Македонија. Повеќе од една деценија она што го планираме со годишните буџети, тоа што го реализираме на крајот од годината во однос на капиталните инвестиции имаме значајно нереализирање на истото. Причините можат да се гледаат од повеќе аспекти. Прво од политичкиот контекст во кој што функционираме односно потребата од коалициите на власт да ги оправдуваат годишните буџети со т.н развоен буџет кој што се презентира пред граѓаните, односно, од друга страна пак внатрешно и поширок процес на управување со јавните финансии, почнувајќи од системот на планирање, извршување на циклусите на јавни капитални инвестиции па се до нивното следење, изјави за Утрински брифинг на „Слободен печат“, Весна Гарванлиева, постар истражувач во Центар за економски анализи (ЦЕА) во областа на микро и макро економија.

Таа вели дека ова секако има свои реперкусии најмалку врз загуби во економскиот раст на РСМ, но и врз евентуално зголемување на конкурентноста на македонската економија поради неможноста да се подобри инфраструктурата за економските агенти, кои можат да се мерат како загуби од извоз. Особено ако се има предвид и значајниот јаз помеѓу потенцијалниот и реализираниот аутпут на македонската економија.

Во делот, пак, на политичката економија вели Гарванлиева, редовните ребаланси на буџетот преку намалување на капиталните расходи за сметка на социјалните трансфери, зголемувањата на платите и пензиите за разни категории граѓани и фирми, без притоа да се води сметка за продуктивноста на економијата, укажуваат на акутноста на проблемот проследен со политички популизам и стеснување на хоризонтот на капиталниот циклус до оној на политичкиот циклус односно моделирање според политичките потреби на коалициите на власт.

Така и оваа година, со ребалансот се скратија 3,29 милијарди денари (53,4 мил. ЕУР, или намалување од 12,7 отсто) од планираните капитални инвестиции, кои пак до крајот на јули 2019 се реализирале само 24,5 отсто од планираниот буџет, односно 33 отсто на крајот од септември 2019, што укажува на веројатноста дека дури и со ребалансот постои значителен ризик од нецелосна реализација на капиталните расходи.

– Неопходно е подобрување на квалитетот на планирањето на капиталните расходи врз основа на капацитетите за нивна реализација, како на централно така и на локално ниво. Исто така, неопходна е подготовка на долгорочни повеќегодишни стратегии/планови за јавни инвестиции проследени со подготовка на адекватна усогласена стратегија и јасна насока и пристап за приоритети во подолг период. Неопходно е ослободување на проектниот циклус од политичкиот циклус бидејќи капиталните инфраструктурни проекти бараат децениски проектен циклус до имплементација. И на крајот, унапредување на ефикасноста и ефективноста на трошењето на јавните расходи, во овој случај на капиталните расходи, е забелешка и укажување на кои треба конечно сериозно да се работи, изјави Гарванлиева.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот