Гарлик: Ќе останеме без пари доколку не продолжи Премиер лигата!

фото: твитер

Големи финансиски проблеми за екипата на Барнли доколку не продолжи сезоната во најсилното англиско фудбалско првенство, тоа го потврди и сопственикот на овој клуб.

Коронавирусот ги запре скоро сите спортски настани ширум светот, па така и фудбалот во Англија.

Многу клубови веќе ја чувствуваат кризата на финансиски план, на пр., словачката Жилина на нашиот Фазлагиќ на 1 април прогласи банкрот.

Барнли, која настапува во Премиер лигата, преку својот официјален канал објави дека доколку не продолжи сезоната ќе загуби 50 милиони евра.

Мајк Гарлик, сопственикот на Барнли се надева дека одлуката за продолжување на сезоната наскоро ќе дојде.

– Доколку не ја завршиме оваа сезона и не биде јасно кога ќе започне новата сезона, во август ќе останеме без пари. Тоа е факт – рече Гарлик.

Британските медиуми проценуваат дека други клубови ќе загубат многу повеќе, но сопственикот на Барнли не е запознат со ситуацијата во останатите екипи.

– Не можам да зборувам за други клубови. Не знам како стојат финансиски. Можам да зборувам за нашата ситуација. Поради тоа, секако, сакаме да ја завршиме сезоната кога ќе се обезбедат услови. Тоа би било најдобро решение за сите клубови во Премиер лигата. Не се работи само за екипите во оваа лига, туку за целиот систем во Премиер лигата и сите други бизниси и заедници кои се хранат од овој систем – додаде Гарлик.

До прекинот на сезоната во Премиер лигата, Барнли се наоѓаше на 10. позиција во генералниот пласман со 39 бодови, еден помалку зад Арсенал на деветтото место.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот