Гардијан: Туристите во Грција се слабо информирани за опасностите од топлотниот бран

Странски туристи во Акропол/Фото: EPA-EFE/KOSTAS TSIRONIS

„Додека Грција е зафатена од невообичаено високи температури, растат стравувањата дека странските посетители не се свесни или погрешно информирани за опасностите од прекумерно изложување на жешкото време“, пишува британски „Гардијан“.

Во извештајот насловен „Посетителите во Грција изгледаат лошо информирани за ризикот од топлотен бран, предупредуваат спасувачите“ од Елена Смит, весникот забележува дека во последната недела се започнати три операции за пребарување и спасување на туристите изгубени додека пешачеле на оддалечените острови, вклучително и една за популарниот ТВ водител Мајкл Мозли, кој беше пронајден мртов на островот Сими.

Мозли тргнал на екстремно високи температури на прошетка која станала фатална кога тргнал по погрешна рута и завршил со она што неговата сопруга го опиша како „неверојатно искачување“ низ непроодни ридови. И покрај интензивните пребарувања во кои беа вклучени патролни чамци, нуркачи, хеликоптери, пожарникари, полиција, дрон и специјално обучено куче, беа потребни пет дена за да се лоцира неговото тело. Се верува дека жештината одиграла клучна улога во неговата смрт.

Во последните денови, службите за итни случаи беа повикани и на два други оддалечени острови, Самос и Аморгос, за да бараат постар Холанѓанец и американски државјанин кои исчезнаа на пешачки патеки.

Ерик Калибет(59), пензиониран полицаец од Лос Анџелес и редовен посетител на Аморгос, последен пат бил виден во вторникот како пешачи сам на кикладскиот остров. Тој тргнал во 7 часот наутро на четиричасовно пешачење на ден кога требаше температурата да надмине 37 Целзиусови степени. Од доцна во четвртокот, речиси 48 часа откако неговиот цимер ја известил полицијата дека го нема, 59-годишникот сè уште бил исчезнат. Неговиот последен познат контакт се верува дека бил порака што ја испратил од својот мобилен телефон до неговата сестра.

Акцијата за пребарување во Самос – во која учествуваше спасувачки тим, четири беспилотни летала, куче трагач со авион од Атина и хеликоптер од граничната агенција на ЕУ Фронтекс – исто така не успеа да го пронајде 74-годишниот холандски државјанин, кој на сличен начин тргна на петчасовно пешачење и исчезна.

Димитрис Катацис, шеф на спасувачкиот тим на Самос, рече дека мисиите честопати се отежнуваат затоа што туристите, неретко несвесни за опасностите, „излегуваат од трасираната патека“ за да ги видат локациите и потоа се губат. „Вчера видовме пар [странци] како пешачат по патека на 41 степен Целзиусов без капи“, изјави тој за локалните медиуми. „Тоа и пркоси на логиката.

Грција, како што пишува британскиот весник, е на првата линија на климатската вонредна состојба, притоа бележи се повисоки температури, со рекорд од 48 Целзиусови степени забележан во летото 2023 година.

Годинава рекордно високи температури веќе се бележат во јуни. Неколку училишта беа затворени, Министерството за култура беше принудено да го затвори Акропол и другите археолошки локалитети за посетители. Волонтерите на Црвениот крст поделија илјадници бесплатни шишиња вода, а градското собрание на Атина постави станици за ладење. Во Ханија на Крит живата во четвртокот достигна 44,5 степени Целзиусови.

Екстремната топлина и опасностите што ги носи ги зголемуваат барањата за подобро одржување и обележување на патеките.

„Би сакал да видам повеќе безбедносни камери и осветлување на овие патеки“, рече градоначалникот на Сими, Елефтериос Папакалодукас.

„Ако може да се научи една лекција од трагедијата на смртта на Мозли, тоа е дека овие патеки треба подобро да се грижат за луѓето да не се изгубат“. Водителот на Би-Би-Си немал мобилен телефон со себе кога ја започнал својата прошетка.

Локалните власти повикаа на подобри информации за туристите. Општински советник во Хиос рече дека пешачките клубови во оддалечените области кои имаат експертиза и способност за подобрување на патеките треба да бидат подобро поддржани финансиски и технолошки за да се осигура дека тие нема да бидат толку опасни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот