Гардијан: Судењата на ОВК во Хаг ќе влијаат на напнатите односи меѓу Белград и Приштина
Судењата на поранешните команданти на ОВК во Хаг ќе влијае на веќе напнатите односи меѓу Белград и Приштина, оценува во својот коментар лондонски Гардијан.
Британскиот весник оценува дека „почетокот на долго одложуваните судски постапки би можело да има значајно влијание на Косово и на напнатите односи на Белград и Приштина“.
Во текот на минатата недела Специјалниот суд за воени злосторства на ОВК нареди апсење на тројца поранешни припадници на Ослободителната војска на Косово (ОВК).
Станува збор за шефот на Здружението на ветерани на ОВК, Хисни Гуцати, неговиот заменик Насим Харадинај и Салих Мустафи.
Тие се појавија пред судија во посебно подготвената судница опремена со заштитни стакла, а Насим Харадинај се изјасни дека не го признава судот.
– Не го признавам овој суд и вашата работа. Го прекршивте секој човечки закон и право на изразување. Се и да ме осудите на казна од 500.000 евра, нема да можете да го смените ниту моето ниту мислењето на моите луѓе за овој суд, порача Харадинај.
За некои од воените злосторства извршени во текот на судирот на Косово 1998-1999 година се судеше во Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија, исто така со седиште во Хаг, но трибуналот само се фокусираше на судење на Србите.
Дури неодамна се појавија докази за вмешаноста на лидерите на ОВК во злосторства над Србите, потсетува Гардијан и додава дека ЕУ во 2011 година го именуваше американскиот обвинител Клинт Вилијамсон да ја води прелиминарната истрага, а неговите откритија во 2015 година беа повод да се основа нов, специјализиран судски совет за Косово.