„Галиите“ си стојат во Вардар, од Град Скопје велат: Кој ги ставил, тој да ги тргне

Фото: Слободен печат - Драган Митрески

И неколку месеци од почетокот на постапката за отстранување на „галиите“ од коритото на реката Вардар во центарот на Скопје, објектот спроти хотелот „Холидеј Ин“ и натаму стои. Новата градска власт за „Мета“ вели дека самиот инвеститор којшто ја изградил галијата е оној што треба да ја отстрани.

„Обврската за отстранување на галијата е кај оној кој ја поставил“, велат од Градот на прашањата зошто градските власти не ја отстранат полуразрушената галија од речното корито и кога ќе продолжи нејзиното рушење.

Изминативе недели нема никаква активност на терен за довршување на рушењето на галијата. Со започнатото рушење од претходното градско раководство речиси целата внатрешност беше отстранета, но самата бродска конструкција со огромна дупка остана во речното корито.

Скопската градоначалничка Данела Арсовска во ноември најави дека рушењето на „галијата“ спроти хотелот „Холидеј Ин“ ќе продолжи.

„За другите две треба да видам како стојат работите, до каде се постапките па потоа ќе се одлучи што ќе се прави. Јас не би урнала ништо“, изјави градоначалничката Арсовска пред два месеца.

Од Градот Скопје денеска велат дека за другите две галии нема никакво решение за отстранување.

Поранешниот градоначалник Петре Шилегов на почетокот на постапката за уривање на галијата соопшти дека сите услови за нејзиното отстранување се исполнети, односно сопственикот немал платено три кирии, што според договорот овозможува негово раскинување. Шилегов ја почна постапката за уривање и на бродот кај МЕПСО, но за него немаше добиено извршно решение поради тужба на сопственикот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот