ГАЛИЧКА СВАДБА: Обичаи претворени во атракција (ФОТО) - Слободен печат
ВестиВи ПрепорачувамеКултура

ГАЛИЧКА СВАДБА: Обичаи претворени во атракција (ФОТО)

Вечерта зетот, кумот и други пријатели носат запалени факели до куќата на невестата. Тоа симболично го означува бркањето на демоните што би можеле да го следат младиот пар.

Галичката свадба и обичаите отсликуваат еден дел од животот на Мијаците.

Во Галичник, најголем дел од свадбите се правеле околу празникот Петровден, а се случувало и по 60 двојки да се венчаат во ист ден. Причината за одржување на толку венчавки било доаѓањето на мажите од печалба. Често, младоженците брзо по свадбата ги напуштале своите сакани и се враќале на печалба. Овој период се користел и за свршувачки, по што почнувале подготовките за свадба. Девојката што требала да се мажи со помош на нејзината мајка, баба и други блиски рачно ја изработувала својата свадбарска носија, чеизот, како и сите дарови за дарување на сватовите.

Невестинска носија

Невестинската носија сама по себе е уникатна. На неа преовладуваат белата, жолтата и црвената боја и доминантен е богатиот вез распореден на ракавите и на предниот дел од кошулата. Составен дел од невестинската носија е и накитот изработен со филигранска прецизност и уникатни златни и сребрени елементи. Целиот комплет може да тежи и до 30 килограми.

Првата Галичка свадба се одржала во 1963 година. Имало над 4.000 гости кои одблизу ги виделе свадбарските обичаи на Мијаците. По две години имало прекин сé до 1973 година, а оттогаш до денес Галичката свадба се одржува редовно.

За изборот на младоженците има едно правило, а тоа е во пријавениот пар еден да биде со потекло од Галичник. Во текот на двата дена од манифестацијата, посетителите можат да проследат триесетина автентични свадбарски обичаи и ритуали проследени со изворни свадбарски песни карактеристични за овој крај од Македонија.

Profimedia

Подготовка за свадбата

Порано свадбарските церемонии траеле пет дена и започнувале со собирање на папрат и јаворово дрво. Од нив во дворот на младоженецот се правела колиба во која се сместувале „Дебарските топанџии” кои со децении се дел од овие свадбарски веселби.

На две вечери пред Петровден со гозба, гости и песна кај момчето се подготвувал и Бајракот. Накитен со многу цвеќиња, Бајракот се поставувал во еден агол од куќата.

Почетокот на свадбата се означува во сабота со поставување на свадбарскиот Бајрак и симболичниот чин на „фрлање“ три пушки од куќата на зетот. Со неколку истрели од стариот побратим се објавувало дека Бајракот е поставен и свадбата можела да започне.

Profimedia

Свекрвиното оро

Мајката на младоженецот ги дочекува семејството и роднините со домашен леб и со ќуп во рацете, а потоа го поведува Свекрвиното оро. Свекрвата излегувала пред куќата со сито на главата, на кое бил поставен леб, што значело благодет за невестата.

Бркање на демоните

Вечерта зетот, кумот и други пријатели носат запалени факели до куќата на невестата. Тоа симболично го означува бркањето на демоните што би можеле да го следат младиот пар.

Одење по вода

Поворката со факелите го осветлува патот до трите чешми, каде што невестата за последен пат како немажена ги полни бардаците со вода. Одењето по вода се смета за еден од најзначајните обреди на оваа свадба, бидејќи го означува созревање на жената која поминувала од доба на моминство во зрела жена. Тој ден роднините на момчето, без него, ја земале невестата од дома и заедно со нејзините роднини и со запалени борини оделе на вода, каде што на три чешми невестата полнела вода и малку се напивала. Потоа ја враќале во својата куќа, каде што младите играле околу огнот, а во огнот требало да изгорат сите нејзини момински гревови.

Profimedia

Канење на мртвите

Утрото на Петровден, зетот со најблиските роднини оди на гробишта да им направи чест на мртвите, да ги покани на свадбата, да побара дозвола за женење. Потоа се оди до куќата на кумот од кого младенецот бара благослов.

Бричење на зетот

Еден од поинтересните обичаи е бричењето на зетот, што означува не­гова трансформација од момче во маж. Берберот пред чинот земал прошка од домашните и најблиската роднини и на сите им бакнувал рака.

По бричењето следи потстрижувањето. Во потстрижената коса на младоженецот се става дукат, како симбол на богатство и потомство. По бричењето и потстрижувањето зетот се миел со вино до трипати и веќе бил спремен да тргне по невестата.

Тргнување по невестата

По овие обичаи се оди до куќата на невестата. Таа облечена во традиционална га­лич­ка носија, го дочекува младоженецот на балконот од нејзината куќа. Чекајќи го, невестата изговара, гледајќи низ прстенот: „Низ прстен те гледам во срце да ти влезам“ .

Пред да биде изнесена невестата, сватовите чукале на вратата, а жените кои ја дотерувале барале пари и додека не било доволно не ја отворале вратата. Потоа во придружба на нејзиниот брат и побратим се изведувала во одајата кај сватовите, каде што на сите им бакнувала рака.

Качена на коњ младата заминува во куќата на нејзиниот иден маж.

profimedia

Дочекување на невестата

Свекрвата со сито, погача и бокал со вино ја дочекува невестата, која се симнува од коњот и влегува во новиот дом. Во новиот дом ја пречекувала свекрвата со сито, погача и бокал вино, трипати ја вртела околу коњот, со лебот ја удирала по глава и велела „Жити лебов да ме слушаш“. Потоа ѝ ја ставале капата од момчето за да му биде верна во заедничкиот живот, за на крај со синџирот од оџакот да ја удрат по главата, што значело венчавање со куќата.

Profimedia

Венчавање

По венчавањето во црквата „Св.Петар и Павле“, невестата се носи на вода на чешмата „Упија”, потоа се изведува невестинското оро, ги дарува најблиските, се крши „шутката” и по завршувањето на свадбарските обичаи тапаните и зурлите ги испраќаат најблиските роднини.

Невестата покриена со дулак влегувала во црквата, а од неа излегувала откриена. Свекрвата напред со бело котле накитено со жолто париче и босилек со вода ги попрскувала младоженците додека стигнат дома. Свекорот ги носел погачата, леблебиите и пченицата, а стариот побратим по излегувањето од црквата кршел грне на врата кое било полно со ореви и шеќерчиња.

Следното утро се одело повторно на вода, каде невестата на сите гости им потурала да се измијат, а потоа ги дарувала.

Попладнето се носеле дарови на невестата. Веселбата продолжувала до доцна во ноќта со играње на Тешкото, а утредента топанџиите со своите езгии полека ја напуштале куќата.

По завршувањто на сите свадбени церемонии единствано Бајракот останувал да се вее една недела по завршувањето на свадбата. А потоа повторно во зората се собирал, се здиплувал и бил оставан да ја чека наредната свадба.

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Слични артикли

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close