ГАЛЕРИЈА: Тетовци „навлечени“ на коцка и на обложување

Тетово, „македонски Лас Вегас“ / Фото: Слободен печат, Елисавета Бејкова

Речиси сите лиценцирани обложувалници и казина имаат свои подружници на булеварот „Маршал Тито“, а упатените сведочат дека посетувањето на овие објекти, од забава преминало во вистинска „зараза“.

Булеварот „Маршал Тито“ во Тетово, кој започнува речиси од самиот влез во градот, од правец на Скопје, а завршува во централното градско јадро, го дели градот на два дела, лев и десен. На самиот булеварот, кој е долг околу 1.200 метри, вклучително и на страничните сокаци и улици се „распослани“ низа убави ресторани, кафетерии, продавници, а како никаде во друг град во земјава, токму на овој булевар од двете негови страни се наоѓаат најголемиот број казина и обложувалници.

Тетово, „македонски Лас Вегас“ / Фото: Слободен печат, Елисавета Бејкова

Судејќи по нивниот број, Тетово веќе го има преземено приматот на „македонски Лас Вегас“ од Гевгелија. Безмалку сите лиценцирани казина и обложувалници имаат свои подружници на булеварот „Маршал Тито“, а најосветлените објекти чиишто реклами му паѓаат в очи на секој минувач, укажуваат дека во овој град играта за релаксација на слот-машините или на рулет од забава преминала во „зараза“.

Уште „попривлечни“ се рекламите на добро декорираните фасади од казината. Како по правило, стаклениот дел на овие објекти е декориран со реклама за да не може некој однадвор да види кој игра внатре во казиното, а на играчот внатре му овозможува губење на чувството за време, па не знае дали надвор е ден или ноќ.

Тетово, „македонски Лас Вегас“ / Фото: Слободен печат, Елисавета Бејкова

При обиколката на Тетово, репортерската екипа на „Слободен печат“ забележа дека казината и обложувалниците имаат свој специфичен декор, светлечка реклама и слоган што ветува многу забава и заработувачка, наведувајќи дека во казиното пијалакот за играчот е бесплатен (во суштина ова е практика во секое казино).

Во обложувалниците без разлика на законските забрани, покрај возрасните, тикети уплаќаа и малолетници. Сите тие се надеваат дека ќе се еден од низата можни среќни добитници.

Во казината, пак, преку ден посетеноста беше мала. Во разговор со дел од вработените во казината дознавме дека најмногу посетители односно играчи има во попладневните и во доцните вечерни часови. Во Тетово, како и секаде во Македонија, казината работат 24 часа.

Од локалната полиција велат дека во изминатава година немало поголеми инциденти што се случиле во казината, во споредба со претходните години. Од време на време се повикувала полиција, кога некој нервозен играч ќе изгубел пари, па бесот го „празнел“ со кршење на стаклото на слот-машината или на рулет-масата.

Од полицијата велат дека имаат регистрирано многу постефекти од коцкањето на граѓаните. Имало полициски интервенции при пријави за семејно насилство, каде што мажот бесот поради прокоцкани пари го „истурил“ врз домашните. Имало и случаи каде што граѓани измислувале дека се ограбени или изгубиле пари на улица, а всушност тие ги прокоцкале. Но, имало и таков случај каде што поради голем коцкарски долг, маж си го одзел животот.

Тетово, „македонски Лас Вегас“ / Фото: Слободен печат, Елисавета Бејкова

Индустријата на игри на среќа учествува со четири отсто во бруто-домашниот производ на државава, односно во државниот Буџет придонесува со 253 милиони евра. Според последните информации од 2020 година, оваа индустрија директно вработува повеќе од 7.700 луѓе, а индиректно уште 54.000 лица. Според Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) „индустријата игри на среќа“ е силен импулс за државната и за локална економија и стимул на другите стопански гранки.

Сепак, активистите на здружението „Анти коцка“ бараат од локалната и од централната власт да направат измени во Законот за организирање игри на среќа и да дозволат вакви објекти (казина и обложувалници) да има на три километри од населено место.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот