ГАЛЕРИЈА | СТУДИО 90 – Скопски дом со фокус на голема библиотека која се протега на ѕидот

Фото: Студио 90 / Марко Костовски

Изведбата на проектот е од скопското архитектонско студио „Студио 90“

Претставениот простор е приватен дом во населба Карпош во Скопје.

Целта на овој внатрешен дизајн е да го облагороди и организира просторот на најдобар можен начин, без притоа да предизвика промени во постоечката организација на станот. Проектот е главно ориентиран кон дизајнирање на опремата и како истата најсоодветно да се вклопи во затекнатото функционално решение на просторот.

Фото: Студио 90 / Марко Костовски

На почетокот на самиот стан, непосредно до влезот се лоцирани малиот гостински тоалет и кујната, организирана во два сегмента, а ограничена со работен и послужувачки пулт. Просторот покрај влезот е максимално искористен за одлагање, а во еден сегмент вратите го сокриваат пристапот до помошната соба каде се поставени уредите за одржување на домаќинството.

Отворената кујна е поврзана со просторот на трпезаријата и делот на дневната соба.

Фото: Студио 90 / Марко Костовски

Во трпезарискиот простор, фокусот е на големата библиотека која се протега на ѕидот во продолжение на еден сегмент од кујната. Наместо регуларниот и познат изглед на библиотека, ова парче мебел добива специфичен дизајн. Основната ортогонална решетка е поделена на нееднакви полиња, при што некои од полињата се затвораат со вратичка, и може да се користат за одлагање на предмети и покуќнина во функција на трпезаријата. Со намера да се постигне баланс во обработката на ѕидните површини, од спротивната страна на библиотеката поставена е облога од парчиња мермер.

Фото: Студио 90 / Марко Костовски

Патем, во дизајнот на мебелот се забележува отсуството на секакви украси и непотребни декорации. Наспроти тоа, сета опрема е решена во неколку потези, со особен акцент на едноставноста и функционалноста.

Фото: Студио 90 / Марко Костовски

Кога станува збор за материјалите и бојата, доминираат скандинавско-сиви тонови, стоплени со детали од дрвена обработка низ целиот ентериер. Испреплетени низ целиот дом, создаваат атмосфера на удобност и придонесуваат за современиот карактер на овој простор за живеење.

Фото: Студио 90 / Марко Костовски

Вештачкото осветлување е поставено на многу внимателен и суптилен начин. Со минимални интервенции, вградените плафонски светла и едноставните лустери се појавуваат само онаму каде што се навистина потребни. Без намера да доминираат, се поврзуваат со останатиот дел од ентериерот, со едноставните геометриски форми и во истите темносиви тонови.

Фото: Студио 90 / Марко Костовски
Фото: Студио 90 / Марко Костовски
Фото: Студио 90 / Марко Костовски
Фото: Студио 90 / Марко Костовски

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот