ГАЛЕРИЈА | Промоција: Џаро и на 74 години живее „Живот на коцка“

Пред многубројна публика, вечерва беше промовирана биографската книга на познатиот менаџер Велибор Џаровски – Џаро – „Живот на коцка“.
Авторка на книгата е неговата ќерка, еминентната новинарка Милица Џаровска, која на еден забавен начин ги носи читателите на возбудливо патување низ животот на Џаро.
„Автори како Џаро, Милица и мене се оние што сами си ги пишуваат книгите, сами си ги плаќаат и сите ги купуваат. А, овие писателиве се оние што државата ги плаќа книгите кои никој не ги купува. Во тоа е разликата.
Времето ќе каже дали било живот на коцка, дали живот за коцка, дали живот со коцка…Но, веројатно, оваа книга ќе ни го објасни тоа“, рече промоторот на книгата, актерот и шоумен Игор Џамбазов.

За процесот на пишување, Џаровска изјави дека било малку тешко да се напише книгата бидејќи нејзиниот татко понекогаш знаел да ги измеша годините на настаните и случувањата. Сепак, легендарниот Џаро е еден непресушен извор, ризница на неверојатни случки, коишто, за жал, не може сите да се преточат во само една книга.

Авторката рече дека има доволно материјал и за втора книга, а Џаро откри дека ќе има и документарец за неговиот живот.
На промоцијата на книгата, која се одржа во во скопскиот ресторан „Фор“, присуствуваа голем број јавни личности, новинари, но и блиски пријатели и соработници на Велибор Џаровски-Џаро.
Книгата „Живот на коцка“ е во издание на издавачката куќа „Три“.


