ГАЛЕРИЈА | Јасмина Тасевска: Магичноста на мандалата – неповторливост и бесконечен број на можности

Колаж: Приватна архива
Средбата со мандала создадена од точки за оваа уметница била љубов на прв поглед. „Не знам дали јас се пронајдов во оваа уметност или таа ме пронајде мене“, ни рече нашата соговорничка.
Се почнува од една точка. Креацијата се создава од внатре кон надвор и никогаш не знаеш како ќе заврши, се предаваш на процесот на креирање и мора да бидеш во мигот. / Фото: Приватна архива

Уметницата Јасмина Тасевска целиот свој живот е во потрага на својата животна мисија и определба за во последниве години, како што вели, вистински да разбере дека човек може да има повеќе начини на себеизразување и себеостварување кои се подложни на промените кои ги носи животот. Така, преку медицината од средношколските денови, психoлогијата и археолигијата од студентските денови, модниот дизајн од младешките денови, пишувањето како крик на душата, посветеното мајчинство и свесното родителство, јогата и медитацијата, Јасмина стигнала до мандалите и техниката со точки, во еден – како што го нарекува – сосема случаен момент, и покрај тоа што верува дека во одреден период го добиваме тоа што ни е потребно.

Дизајнерско-креативниот порив го носи отсекогаш, од детството, но постојано ги менува облиците во согласност со нејзината емоција и внатрешна трансформација.

– Мандалата ми дојде како креативен израз кој е во согласност со патот на мојата душа. Создавањето на мандала има исцелувачка и медитативна моќ и токму тоа во комбинација со можноста за дизајнирање на различни облици и бои ја прави совршена за мојата моментална креативна експресија, вели Јасмина.

Од кого го научивте овој уметнички занает и во што се неговите специфичности?

– Мандала насликана на камен во оваа техника ми се појави на социјалните мрежи и во истиот момент бев фасцинирана од боите. Немав никаква претстава како се работи, но ми се јави внатрешен порив да пробам. Изгледав еден видео за почетници и веднаш почнав. Првата точка беше со темперните на син ми, кои не се соодветни за оваа техника, но доволно беше за да ја почувствувам конекцијата со точките. Следниот ден си купив акрилни бои кои се потребни за оваа техника и со помош на видео туторијали ги совладав основите на техниката. Тука за мене започна магијата на создавање мандали, односно опсесивниот период на точкање на сè што може да се најде во домот што може да послужи како подлога. Оваа техника е едноставна, а во исто време толку многу комплексна. Се почнува од една точка. Креацијата се создава од внатре кон надвор и никогаш не знаеш како ќе заврши, едноставно се предаваш на процесот на креирање и мора да бидеш во мигот. Има нешто магично во кругот што се создава, а за мене тоа е неповторливоста и бесконечниот број на можности и комбинации на формите и боите. Сè што е потребно се акрилни бои, алатки за точки, некаква подлога за точкање и секако да се научат основите на техниката.

Фото: Приватна архива
Во будистичката традиција мандалите симболизираат минливост, па оттука кога ќе се изработат, најчесто со камчиња, набргу и се уништуваат од самиот изработувач на мандалата. Што пак, според Вас, симболизира мандалата, дали станува збор за медитативна активност?

– Мандала – совршениот круг на универзумот е еден од најстарите универзални симболи кои му се познати на човекот. Мандалите носат посебен вид на вибрациска енергија.Тие имаат медитативна и исцелувачка енергија која се користи за подобрување на менталното, емотивното, психичкото и духовното здравје. Кога се создава мандала се поврзуваме со нашата внатрешна духовна енергија во сегашниот миг и на тој начин нè обвзема смиреност и хармонија кои нè воведуваат во еден вид на медитативна состојба. За мене, создавањето на мандалите е себеоткривање, себеисцелување, страст, медитација, чиста љубов и радост. Таква е енергијата која ја изразувам и споделувам преку моите креации. Сите ние сме поврзани преку безвремената и универзална  светлина, енергија и љубов.

Каков е интересот на македонскиот пазар за овие специфични уметнички дела?

– Мандалите може да се изработуваат во различни техники. Оваа техника со точки, во последниве години, е доста популарна во светски рамки како начин на креативно себеизразување. Како уметност е навистина многу впечатлива и во исто време специфична. Почнав да создавам чисто од лична инспирација, онака од срце, за своја душа, и некако сосема спонтано се појави желбата и потребата да ги споделам моите креации со целата енергијата која ја имаат и така настана фејсбук страницата „Пјур Мандала Арт“ (Pure Mandala Art) и инстаграм профилот @puremandalaart1. Од „фидбекот“ што го добивам, можам да кажам дека има интерес од луѓе кои, на некој свој начин, можат да се поврзат со енергијата на мандалата преку оваа уметност.

Во продолжение, погледнете какви уметнички дела создава Јасмина:
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива

 

Видео на денот