Гала-концерт во НОБ за затворање на 44. Денови на македонска музика

Со гала-концерт на солистите и оркестарот на Националната опера и балет, на кој ќе бидат изведени фрагменти од оперското творештво на македонските композитори, на 14 октомври, во 20 часот, во НОБ ќе бидат затворени 44. Денови на македонска музика. Во рамките на концертот ќе биде доделена и годишната награда „Георги Божоков“ на СОКОМ, чиј носител годинава е маестро Симон Трпчески.

Публиката ќе има можност за прв пат, по последните изведби во 1955 г., да проследи увертира од првата македонска опера „Гоце“ од композиторот Кирил Македонски (1925-1984). На програмата се арии од најмаркантните творци на оперски дела, градитители на македонската музичка историја: Трајко Прокопиев (1909-1979) со арии од операта „Разделба“, која одбележува 50 години од создавањето, Кирил Македонски со монолог од операта „Цар Самуил“, Тома Прошев (1931-1996), композитор кому му се одбележува јубилејот 90 год. од раѓањето со арија од операта „Пајажина“, академик Ристо Аврамовски (1943-2007) со монолози од операта „Болен Дојчин“.

На програмата се и дела од композитори кои сѐ уште делуваат и создаваат дела што ќе го збогатат музичкото наследство на Македонија: Стојан Стојков (1941), композиторот на кој СОКОМ му го одбележува јубилејот 80 год. од раѓањето со арија и дует од операта „Змејовата невеста“, како и помладите: Горан Начевски (1978) со арии од операта „Помеѓу соништа и летови“, Фатос Лумани (1983) со арија на Хасан ага и Сема /инструментален фрагмент од операта „Скендер бег“.

Диригент на концертот е Иван Еминовиќ, режисер е Дејан Прошев, а концерт-мајстор е Верица Ламбевска. На концертот ќе настапат солистите Катерина Стојановска (сопран), Александра Лазаревска-Василев (сопран), Наде Талевска (сопран), Јане Дунимаглоски (тенор), Владимир Саздовски (бас), Армандо Ликај (баритон, Албанија), Невен Силјановски (баритон), Горан Начевски (баритон) и Васко Здравков (баритон). Корепетитори се Елена Сиљаноска, Јанинка Невчева и Андреја Наунов, модератор на настанот е Татјана Грковска.

Оваа година СОКОМ ќе ја додели единствено наградата „Георги Божиков“, која се доделува на музички уметници и ансамбли за континуирано успешно изведување и промовирање на македонското музичко творештво, на дела од македонски композитори од различни генерации.

Добитник на наградата „Георги Божиков“ за изведба на дело од македонски композитори во изминатата 2020 година е пијанистот Симон Трпчески, кој вторпат ја добива оваа награда. Комисијата за доделување на наградата е во состав: проф. д-р Стефанија Лешкова-Зеленковска, музиколог, д-р Мирјана Павловска-Шулајковска, музиколог, и проф. д-р Валентина Велковска-Трајановска, композитор.

Настанот ќе се одржи според протоколите предвидени со моменталната состојба предизвикана од пандемијата ковид-19.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот