Габриела Илиевска: На плоштад да ме претепате, ваков криминален ребаланс „Поинаку“ нема да гласа

Фото: Слободен печат, Васка М. Младеновска

Како и на претходните седници, така и на денешната седница на Советот на Општина Битола на која главна точка на Дневен ред беше ребалансот на буџетот и распределбата на средства во областа на културата и спортот, како и доделувањето на субвенции за јавните претпријатија, уште еднаш се потврди огромната нетрпеливост меѓу претседателката на Советот Габриела Илиевска и градоначалникот Тони Коњановски.

Илиевска под превезот на советнички прашања го обвини градоначалникот Тони Коњановски за нетранспарентни исплати на некои здруженија на граѓани. Таа ребалансот на буџетот го нарече криминален и побара од советниците истиот да не го поддржат.

– Најдругарски ви сугерирам овој криминален ребаланс целосно лично Вие да го повлечете. И до крајот на август, да размислите, да разгледате и да разберете дека во секој ребаланс што го носи Општината Битола на прво место треба да бидат приоритетите на граѓаните а не полнењето на нечии џебови. Повеќе градоначалник не мора да пуштате пајташи кај мене. Јавно, јасно и гласно ќе ви кажам „На плоштад да ме претепате, ваков криминален ребаланс „Поинаку“ нема да гласа“-обвини од советничката говорница претседателката на Битолскиот Совет, Габриела Илиевска.

Градоначалникот Тони Коњановски повика на разум и конструктивност од советниците при денешната дебата независно на која политичка опција припаѓаат.

– Повторно седницата на Советот ја започнавме со евтин дефокус на работењето наместо да се насочиме за ребалансот и делот на инфраструктурата, проекти, субвенционирање на јавните претпријатија, подобрување на нивната работа. Сето она што е продуктивно, конструктивно и во интерес на граѓаните ќе биде прифатено во склоп на ребалансот. Во интерес на јавноста да напомнам дека Општина Битола беше подложна и на ревизија од Државниот завод за ревизија, не само што не беше најдено нешто што е надвор од законот, туку бевме посочени како светол пример во работењето споредено со други институции на кои им беше извршена ревизија. Целокупната документација е секогаш достапна до јавноста и не постои нешто скриено, се е јавно достапно бидејќи зборуваме за буџет на граѓаните. Претпоставките и сето она што се искажува од говорницата треба да биде аргументирано и со докази и уште еднаш замолувам на конструктивна дискусија-возврати на обвинувањата, градоначалникот Коњановски.

Советникот на СДСМ, Борче Корлевски обвини дека ова е најтрошаџискиот и неиспланиран ребаланс на буџетот, промашен со над 50 проценти од планираниот.

За советничката на партијата ДОМ, Анастасија Трајковска во развојната програма иако се додадени нови ставки, средствата што годинава треба да се потрошат се доста намалени, а зголемени се средствата за следната 2025 година.

– Образложението е дека како Општина Битола од централната власт ќе добиеме средства за нејзината реализација. Искрено, јас тоа го посакувам иако се сомневам дека имаме доволно капацитет, но, не како Општина во финансиска смисла, туку доволно оперативен капацитет да ги изведеме сите овие работи. Тука амандмански барам да се вратат велосипедските патеки, сите во Советот се обвинуваме дека некој е против велосипедски патеки. Предлагам да се вратат и како Совет да го обелиме образот и да се реализира тој проект-предложи советничката на ДОМ, Анастасија Трајковска.

Од Општината Битола информираат дека со ребалансот на буџетот се предвидува уште поголемо динамизирање на активностите од областа на инфраструктурата и повеќе средства за културата, спортот и образованието.

– Со ребалансот се предвидува реконструкции на улици, изградба и реконструкција на водоводна мрежа и канализациона мрежа, изградба на нови паркинг простори кај „Овчи Пазар“ и „Ат Пазар“, изградба на паркинг кај „Декорпод“ изградба на нов детски парк во местото викано „Областа“, изградба на Памп патека до Градскиот парк, подготовка на проектна документација на мултифункционален спортски комплекс во Битола и изработка на нов ДУП за Нова Битола каде што ќе биде лоциран спортскиот комплекс. Дополнителни 1,2 милиони денари ќе бидат искористени за санација на дрвените мостови на реката Драгор.

Од објектите од капитална инфраструктура со ребалансот се планира реконструкција на објектот на поранешниот ресторан „Парк“, реконструкција и изградба на поранешната боксерска сала, изградба на училишна спортска сала во селото Бистрица, санација на Јужната трибина на стадионот „Петар Милошевски“ и поставување на ограда-информираат од Битолската локална самоуправа.

Оттаму додаваат дека со ребалансот се планира натамошна континуирана поддршка и на професионалниот спорт: за РК Еурофарм Пелистер ќе му бидат доделени нови дополнителни 3.500.000 денари, КК Пелистер кој оваа година беше финалист во Купот и првенството на Македонија ќе добие дополнителни 9.000.000 денари, а ФК Пелистер, кој се врати во Првата фудбалска лига ќе добие дополнителни 13.500.000 денари. Средства се предвидени и за поддршка на ПСК Пелистер со дополнителни 3 милиони денари за реконструкција на Планинарскиот дом „Копанки“, како и за поддршка на активности на спортски клубови – здруженија на граѓани.

Со ребалансот на буџетот се предвидуваат средства и за културата и културните настани и активности а во образованието ќе бидат вложени дополнителни 30 милиони денари за поддршка на основното образование.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот