Г-20 треба да реагира кон хипокризијата на Саудиска Арабија

Амнести интернешнл бара итно ослободување на пет жени, активистки за човекови права, кои се затворени и измачувани од страна на властите во Саудиска Арабија

Амнести интернешнл изминатава недела ги повика лидерите на земјите од Г-20 да побараат итно ослободување на пет затворени активистки за женски права на претстојниот виртуелен самит, чиј домаќин викендов е Саудиска Арабија.

„Лидерите на Г-20 што присуствуваат на виртуелниот самит овој викенд, во организација на Саудиска Арабија, мораат да ги натераат саудиските власти да одговорат за нивното бесрамно лицемерие за правата на жените“, рече Амнести интернешнл во четвртокот.

Оваа меѓународна организација за заштита на човековите права „ги повикува лидерите на Г-20 да се приклучат на повикот за итно и безусловно ослободување на Луџаин ал-Хатлул, Насима ал-Сада, Самар Бадави, Нуф Абдулазиз и Мајаа ал Захрани, кои беа уапсени во 2018 година заради нивната работа на полето на човековите права“, се вели во соопштението.

Г-20 видео самит во Ријад/ Фото: EPA-EFE/G20 RIYADH SUMMIT HANDOUT HANDOUT EDITORIAL USE ONLY/NO SALES

„За саудиските власти Самитот на Г-20 е критичен: за нив е момент да ја промовираат својата агенда за реформи во светот и да покажат дека нивната земја е отворена за бизнис. Во меѓувреме, вистинските реформатори на Саудиска Арабија се зад решетки“, изјави Лин Маалуф, заменик регионалниот директор на Амнести за Блискиот Исток и Северна Африка. Тој додаде дека „наместо да играат заедно со пропагандниот наратив на саудиската влада, лидерите на Г-20 треба да го искористат овој самит како можност да се заложат за храбрите активисти, чија вистинска посветеност на зајакнување на позицијата на жените во општеството ги чинеше нивната слобода“.

Во соопштението, исто така, се обвинуваат саудиските власти дека настојувале „да го моделираат својот имиџ преку скапи ПР-кампањи, претставувајќи го принцот престолонаследник Мухамед бин Салман како реформатор“. „Во јуни 2018 година официјално беше укината забраната за жените да управуваат автомобили, што беше многу рекламиран потег презентиран како доказ за напредокот. Сепак, во претходните недели, многу од најистакнатите застапници на Саудиска Арабија за правото на жените да возат, беа уапсени и притворени.“

Маалуф додаде дека сите пет жени остануваат во притвор, а некои биле подложени на тортура, малтретирање и самица. „Овој викенд саудиските власти ќе разговараат за реформите поддржани од затворените активисти за да привлечат деловни зделки и политичко признание“, додаде Маалуф. „Ги повикуваме лидерите на Г-20 да се изјаснат против ова бесрамно лицемерие. Активистите кои продолжуваат да се борат за човековите права во Саудиска Арабија се вистинските гласови за реформи и тие треба да бидат слушани, а не да бидат затворани.“

 

Преземено од „Анадолу агенција“ од Анкара

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот