Функционерските плати до плафон, јазот со граѓаните сè поголем

Завчерашната одлуката на Уставниот суд да укине членови до Законот за платите на функционерите, со што се создадоа услови платите на претседателот, премиерот, министрите, пратениците, градоначалниците, судиите и на други избрани и именувани функционери да им се покачат во просек за фантастични 78 отсто предизвика бура од реакции.

Досега како основица за платата на функционерите се земаше фиксна сума од 26.775 денари, која се множеше со коефициент од 2 до 4,5, па се додаваа и другите додатоци, а со укинатите одредби наместо фиксна, како основица ќе се зема просечната плата од претходната година која лани изнесуваше околу 32.000 денари. Тоа значи дека функционер што има коефициент 3 досега земал 80.000 денари, а отсега месечно ќе добива најмалку 96.000 денари.

Кордалов: Политичарите опасно се оддалечуваат од граѓаните

– За да не се доведат во ситуација функционерите да даваат настапуваат со тези  дека таква била одлуката на Судот во која тие не се мешаат или пак да настапуваат со коментари дека не ја прифаќаат одлуката и ќе ја донираат разликата, треба да најдат начин веднаш со консензус да донесат законска измена со која ќе го укинат ова покачување што предизвикаа голема реакција. Веднаш системски да се најде решение, а не да се игра сега „популизам на мали голчиња“. Затоа што платите на функционерите се последните кои треба да пораснат во време на економска криза, која ги погодува луѓето со ниски примања, а статистиката вели дека тоа е мнозинството од населението – вели Кордалов за „Слободен печат“.

Тој додава дека овој пример покажува колку е клучна комуникацијата и функционерите сега мора итно да искомуницираат со јавноста, оти едно е да се почитува судска одлука, а друго е да се почитуваат граѓаните.

– Голема опасност за политичартите е граѓаните да ги почуствуваат како далечни, отуѓени, како одвоени од нив. Може целосно да се изгуби довербата. Затоа не проаѓа тезата дека ним не им е дојдедно до покачување на платите, дека ќе донираат итн. Треба да се сложат, со консензус да донесат законска измена и да го спречат најавеното зголемување, кое е недостоинствено. Итно. Ако се одлговлекува прашањето, ќе се создаде голема тема, ќе се урне довербата. А вредност не се гради така – вели Кордалов.

По објавувањето на информацијата дека неговата плата од околу 93.000 денари ќе скокне на околу 165.000 денари, прв функционер кој го искажа своето незадоволство беше претседателот Стево Пендаровски кој веднаш ја повика Владата да предложи законско решение со кое ќе се регулира прашањето преку намалување на бодовите.

– Сметам дека е невкусно во време на економска криза да се покачуваат платите кои се исплаќаат од државниот буџет – реагираше Пендаровски.

Итна реакција побара и опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

– Шестотини илјади граѓани живеат со 150 денари на ден. Во услови на економска криза, енормна инфлација и сиромаштија, последна работа што треба да се направи е да се зголемат платите на функционерите. ВМРО-ДПМНЕ бара веднаш да се намали и корегира коефициентот за сложеност на работното место со што би се намалиле платите на функционерите. Функционерите не смеат да бидат граѓани од посебен ред, туку слуги на народот – порача портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.

Од СДСМ, пак, вчера не излегоа со никакво соопштение во врска со одлуката на Уставниот суд.

И министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера изјави дека политичарите треба да бидат последни кои ќе добијат поголема плата, а предност треба да имаат граѓаните со најниски примања.

– Од практичен аспект, секој политичар што ќе каже дека не му е битна платата веројатно не остава добра порака, бидејќи значи дека има други извори. Јас немам други извори за егзистенција освен оваа плата. Се разбира, секој би сакал да има поголема плата. Но од етички аспект, политичарите треба да бидат последни на листата. Да, треба да има зголемување зашто платите се скандалозно мали, но тие треба да бидат последни. Откако на сите ќе им се зголемат платите, тогаш и на политичарите – рече Османи.

Тој не ги коментираше различните толкувања колкаво е покачувањето, дали 78 или 19 проценти, бидејќи не ги знае деталите, но повтори дека од етички аспект први на ред за повисоки плати треба да бидат граѓаните со минимална и просечна плата. Османи додаде дека за оваа одлука ќе се расправа на седница на Влада, а тој ќе предложи сите да добијат зголемување на платата, но предност пред политичарите да имаат граѓаните со најниски примања.

Вицепремиерот Фатмир Битиќи рече дека не може да не се почитува одлука на Уставен суд.

Владеењето на правото е неприкосновено. Ако има друга одлука со која што треба таму да се интервенира, јас сум еден од првите што ќе ја поддржи рече Битиќи.

Градоначалникот на Аеродром, Тимчо Муцунски, најави дека се откажува од зголемувањето на платата и ќе го донира во хуманитарни цели.

Уставниот суд донесе одлука со која се предвидува зголемување на платите за носители на јавни функции. Јас морам да ја почитувам таа одлука бидејќи е донесена од страна највисокиот орган кој ја штити уставноста во Македонија. Но, можам разликата да ја донирам и тоа со задоволство ќе го направам порача тој на социјалните мрежи.

Што одлучи Уставниот суд?

Уставниот суд завчера го укина членот со кој е утврдено дека основицата за пресметување на плата е фиксна, затоа што смета дека постои двојство во уредувањето на основицата на платата на избраните и именуваните лица, што претставува неконзистентност. Судот утврди дека истовремено постојат две норми за основицата, па на сила остана она според кое основицата се определува според просечната плата остварена во претходната година што ја утврдува Државниот завод за статистика.

Иницијативата била поднесена од Бојан Стојевски, адвокат од Скопје, а Уставниот суд одлуката ја донел на 21 март, четири месеци по поднесувањето. Според пресметката на Синдикатот на управа, правосудни органи и здруженија на граѓани (УПОЗ), платата на претседателот Пендаровски од 93.000 денари ќе стигне до 165.000 денари. Платите на премиерот Димитар Ковачевски и на претседателот на Собранието Талат Џафери ќе изнесуваат 150.000 денари, министрите ќе земаат околу 110.000 денари, а другите функционери и судиите околу 100.000 денари.

Од Уставен суд велат дека во овој предмет не било поставено прашање за висината на платите, ниту за одредување на пресметки и проценти, туку дека се барала оцена на уставноста на конкретни одредби.

Уставниот суд единствено оценува уставност на оспорени одредби, па согласно ова погрешно е и неосновано тврдењето дека со своја одлука Судот зголемил или намалил плати на именуваните и избраните лица, за што е надлежно Собранието преку донесување закон, каков што е законот во кој беа содржани укинатите одредби велат од Уставниот суд.

Влада: Одлуката треба да се почитува, ќе го намалиме коефициентот

Одлуката на Уставниот суд со која се укинуваат одредби од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица е конечна и треба да се почитува, но тоа не значи дека автоматски ќе се зголемат платите на сите именувани лица за 78 проценти, велат од Владата за „Слободен печат“.

– Досегашното „замрзнување” на основицата беше всушност владин став и од страна на Владата истиот е бранет пред Уставен суд. Министерството за труд има дадено негативно мислење за иницијативата, така што, намерата на Владата била и сѐ уште е јасна, а тоа е фер и праведно платена работа за сите чинители во општеството – велат од Владата.

Иако основицата за пресметување плата се зголемува, додаваат, Владата ги разгледува можностите за намалување на коефициентите кај именуваните лица за кои има законска можност, а со цел да не се оптовари буџетот.

Апелираме и до останатите чинители да го направат истото, во рамките на своите законски овластувања. Воедно, апелираме и да не се шпекулира и да се прибегнува кон популистичка реторика и активности, да се разговара реално и со факти – велат од Владата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот